„Куќата на фудбалот“ во Скопје вчера беше центар на важни дипломатски и фудбалски активности. Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, и генералниот секретар, Леонид Јандреоски, беа домаќини на Елкан Мамадов, директор за асоцијации и развој во ФИФА и еден од најдоверливите луѓе на Џани Инфантино.
ФИФА импресионирана од сработеното за само една година
Мамадов не штедеше пофални зборови за тековните реформи во македонскиот фудбал. Високиот претставник истакна дека напредокот остварен под раководство на Омерагиќ во изминатата година е евидентен и ги исполнува високите стандарди на ФИФА за транспарентност и развој.
„Импресивно е сето она што ФФМ го реализираше во период од само една година. Веќе разговаравме за директна поддршка за клучни проекти кои се од суштинско значење за иднината на македонскиот фудбал“, изјави Мамадов по средбата.

Џани Инфантино доаѓа во Македонија?
Најголемата вест од оваа средба е најавата за посета на првиот човек на светскиот фудбал. Според Омерагиќ, во тек се преговори Џани Инфантино да ја посети Македонија во првата половина на 2026 година, што би претставувало огромно признание за работата на сегашното раководство.
Фокус на инфраструктурата и младите
Посебен акцент за време на средбата беше ставен на унапредувањето на инфраструктурата и зајакнувањето на системот на националните селекции преку специјализирани развојни програми. Масар Омерагиќ ја истакна огромната благодарност за континуираната поддршка од ФИФА, нагласувајќи дека принципите на добро управување и транспарентност остануваат цврст темел на кој ФФМ ја гради својата визија. Во тој дух, тој откри дека веќе се водат интензивни преговори за организирање на официјална посета на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на Македонија во првата половина на 2026 година.

Оваа посета ја зацврстува позицијата на Македонија како сигурен партнер на ФИФА, отворајќи врати за нови инвестиции кои треба да го подигнат квалитетот на фудбалот во земјава на повисоко ниво.



