Играчот од средниот ред на Вест Хем, Лукас Пакета, предизвика вистинска бура во англискиот фудбал откако беше исклучен во поразот од Ливерпул (0-2), а веднаш по мечот јавно ја критикуваше Фудбалската Асоцијација (ФА). Пакета, кој штотуку се врати од суспензија, доби два брзи жолти картони за приговор кон судијата во 84. минута.
Неговото „неразумно однесување“, како што го нарекоа коментаторите, Пакета го искористи за да се пресмета со ФА на социјалните мрежи. На Бразилецот му беше доста од скоро двегодишна истрага за наводно местење натпревари, случај за кој беше ослободен од независната регулаторна комисија во јули.
„Смешно е да ви бидат засегнати животот и кариерата две години без никаква психолошка поддршка од федерацијата“, напиша Пакета, извинувајќи им се на соиграчите и навивачите за исклучувањето.
„Можеби ова смешно однесување е само одраз на сè што морав да издржам, и, како што изгледа, сè уште морам да издржам! Жалам ако не сум совршен“, додаде тој со емотивен тон.
Пакета, кој беше обвинет дека намерно добивал картони „за несоодветна цел на влијание врз пазарот за обложување“, беше соочен со можност за доживотна забрана доколку биде прогласен за виновен. Иако беше ослободен од сите четири обвиненија, притисокот од истрагата го стопираше неговиот трансфер од 85 милиони фунти во Манчестер Сити во август 2023 година.
„Разбирам дека сега морам да изгледам како негативец, тешко е да се живее со сè што беше предизвикано во мојот живот и во мојата психа“, заклучи Пакета.
Менаџерот на Вест Хем, Нуно Еспирито Санто, истакна дека прво ќе разговара со Лукас за да ги разбере неговите фрустрации и однесување, но очигледно е дека емотивниот и психолошки данок од скандалот сè уште го мачи клучниот играч на „Чеканите“.
Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи, кои викаат дека тој со овој потег не си помогна многу во обвинувањата дека е вклучен во спортските обложувања.



