Актуелниот европски првак Пари Сен-Жермен го претвори гостувањето во Леверкузен во вистинска фудбалска лекција, триумфирајќи со убедливи 7-2 и задржувајќи максимален ефект по три кола во Лигата на шампионите.
Од самиот почеток се знаеше во кој правец ќе оди мечот. Вилијан Пачо со глава ја отвори серијата уште во 7-та минута по прецизен центаршут на Нуно Мендеш, а Леверкузен имаше шанса да се врати во игра по пенал во 23-та минута, но ударот на Грималдо заврши во стативата. Само неколку минути подоцна, капитенот Роберт Андрих доби директен црвен картон по интервенција на ВАР за удар со лакот во лицето на Дезире Ду.
⚽️⚽️⚽️⚽️⚽️⚽️⚽️#B04PSG I @ChampionsLeague pic.twitter.com/7gyOtMCYnF
— Paris Saint-Germain (@PSG_English) October 21, 2025
Домашните привремено израмнија со гол од пенал на Алеиш Гарсија, но тоа само ја разлути машинеријата на ПСЖ. Во следните пет минути, Ду со прецизен удар донесе ново водство, Кварацхелија го зголеми на 3-1 со бомбастичен погодок што удри во двете стативи, а потоа истиот Ду ја заврши контраатаката за 4-1 пред паузата.
Вториот дел започна во ист ритам. Витиња мајсторски го пронајде Мендеш, кој со прецизен удар го матираше Флекен. Гарсија постигна уште еден убав погодок од 30 метри за 5-2, но тоа не беше доволно да ја разубави вечерта за “фармацевтите”. Само три минути по влегувањето во игра, Дембеле ја погоди мрежата за 6-2, а Витиња во 90-та минута со низок удар го постави конечниот резултат.
ПСЖ можеби се мачи во домашното првенство, но во Европа делува неприкосновено. Тимот на Луис Енрике со овој триумф испрати јасна порака – титулата во Лигата на шампионите нема намера да ја предаде лесно.


