4.8 C
Skopje

Рангирање на посетеноста на стадионите: Како котираат македонските клубови?

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Веб страната “Трансфермаркт” ги објави податоците за посетеноста на стадионите ширум светот за изминатата сезона. Според нив, на првото место според просечната посетеност на натпреварите се Ривер Плејт со 84,782 навивачи на трибините.

Аргентинците иако се на средината на сезоната, сепак успеаја да се најдат на првото место поради големата поддршка од навивачите во Буенос Аирес.

Два Бундеслигаши ја комплетираат првата тројка. Борусија Дортмунд со просечна посетеност од 81,355 и Баерн Минхен со 75,000.

Манчестер Јунајтед се најде на четвртото место со 73,815, Милан на седмото со 71, 512 и Барселона дури на 34-то место со 49,953.

Извор: https://www.transfermarkt.com

А, како котираат тимовите во регионот? Според рангирањето на балканските клубови, први на оваа територија се Хајдук Сплит со 22,028, втори се Динамо Загреб исто така од Хрватска со 11,593, а трети се Црвена Звезда од Србија со 9,863.

Капацитетот на стадионот Пољуд во Сплит е 33,987 седишта, а фанбазата на Сплитќаните важи за најстрасна во Хрватска. Овој клуб има богата историја, а уште од неговото формирање во 1911 година од страна на студентите кои биле инспирирани од фудбалската култура во Прага.

Првите пет ги комплетираат два клуба од Босна и Херцеговина, односно Железничар со 8,376 и Сараево со 6,613.

Бројките на Балканот се многу помали од другите глобални бројки и далеку од просечната посетеност на фудбалските гиганти. Тоа се должи на стадионите со помали капацитети, атрактивноста на натпреварите, но пред сè и на спортската култура во земјата од каде доаѓаат клубовите.

Извор: https://x.com/CroatiaFooty

Македонската лига – Бројки кои збунуваат и отвораат прашања

Кога станува збор за Македонија, да се направи прецизна анализа на посетеноста е речиси невозможна мисија. Причината е едноставна – недостаток на официјални, конзистентни и транспарентни податоци. Различни реномирани извори нудат различни, често и противречни бројки, што ја прави секоја споредба нерелевантна.

На пример, според податоците на Soccerway, Работнички има импресивен просек од 8,477 гледачи (26% од капацитетот), што би го сместило на четвртото место на Балканот, пред Железничар и Сараево. Но, на други платформи како „Трансфермаркт“, овие бројки воопшто не се евидентирани. За Вардар, пак, бројките варираат од 6.000 до 6.650 просечни гледачи, што е исто така предмет на шпекулација (20% од капацитетот).

Моменталниот шампион на македонската Прва лига, ФК Шкендија има просек од 865 навивачи (6% од капацитетот) на натпревар, на стадионот во Тетово кој има капацитет од околу 15.000 седишта, а пак битолски Пелистер привлекува во просек по 860 гледачи (9% од капацитетот) на Стадион Тумбе Кафе (Стадион Петар Милошевски) кој е со капацитет од безмалку 10.000.

Другите македонски клубови како Тиквеш, Струга или Академија Пандев не привлекуваат во просек ни 500 навивачи (8% од капацитетот, 19% и 3%) по натпревар, што е обесхрабрувачко и драстично помалку од тимовите од регионот.

Поради ваквите недоследности, ние во Спортска Станица отворено се сомневаме во точноста на јавно достапните бројки. Затоа, упатуваме отворен повик до релевантните луѓе од Фудбалската федерација на Македонија и до самите клубови: објавете официјални, точни и транспарентни податоци за посетеноста на секој натпревар!

Само со вистински бројки може да се направи реална анализа, да се согледаат проблемите и да се изгради стратегија за тоа како да се врати публиката на трибините. Сè друго е само нагаѓање.

Извор: https://www.facebook.com/KomitiZapad87

Како до подобри резултати?

Овие бројки се поразителни за македонскиот спорт, но укажуваат на еден важен заклучок – потребата да се работи повеќе на стратегијата на развој на спортот во Македонија на едно долгорочно ниво ако сакаме да имаме подобри резултати.

Развивањето на културата кај навивачите за посетување на настаните е уште еден фактор кој бара повеќе внимание во последните години. Клубовите за кои навиваат навивачите не мора да се посетуваат само кога има атрактивни противници, а посетувањето на стадионите за редовните натпревари е нешто што треба да стане стандард за дружење со пријателите, фамилијарно помината недела или релаксација од секојдневните настани.

Клубовите би требало да вложуваат повеќе доколку би сакале да привлечат публика, но и навивачите имаат свој удел во оваа приказна. Доколку тие би го поддржале редовно својот тим, клубовите би имале поголеми буџети за купување на поатрактивни играчи, со што би се зајакнала конкуренцијата во Првата македонска лига. Оваа спирала зависи од сите, и од клубовите, и од спонзорите, но и од навивачите кои треба да изградат од почеток една спортска култура која била препознатлива за нашата земја во 80-те и 90-те години на минатиот век, кога сите со љубов кон спортот се упатувале на локалните стадиони за сите мечеви на својот клуб, давајќи поддршка и мотивација за постигнување успеси и создавање на силна конкуренција.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено