Џорџ Расел ја имаше честа да повози еден од најлегендарните болиди на Мерцедес, моделот “Mercedes-Benz W196” кој учествуваше на трките во 1954 и 1955 година.
Овој Формула 1 болид се смета за пионер во инжениерството на Мерцедес, со своите дезмодромски вентили и директно вбризгување на гориво, технологии преземени од авионските мотори “Messerschmitt Bf 109E” од Втората светска војна, кои му овозможуваат значителна предност со моќност од 257 коњски сили.

Извор: https://www.mercedesamgf1.com
Тркачкото наследство на W196 вклучува девет победи од дванаесет трки со легенди како Хуан Мануел Фанџо, но доминацијата заврши по кобната несреќа на Ле Ман во 1955 година, по што Мерцедес се повлече од трките на цели 30 години – одлука донесена поради загриженост за безбедноста и силен јавен притисок.
Расел како предводник на модерниот тим на Мерцедес во Формула 1, имаше можност да го вози овој историски модел на болид пред претстојната трка за Големата награда на Британија во Силверстоун која ќе се вози викендов, на 6 јули, потенцирајќи ја историската врска со легендарната патека, која ќе остане дел од Ф1 календарот најмалку до 2034 година.