Љубителите на тенисот го добија тоа што го посакуваа. Саботното финале на Австралија Опен 2026 ќе биде судир на двата можеби најмоќни сервиси и удари во женскиот тенис. Елена Рибакина по еден час и 40 минути голема борба ја елиминираше Американката Џесика Пегула, потврдувајќи дека е во врвна форма.
Искуството на шампионката пресудно во тај-брејкот
Рибакина започна фуриозно, доминирајќи во првиот сет со својот заштитен знак, разорниот сервис и рамните удари од основната линија, добивајќи го со 6:3. Сепак, Пегула, која е позната по својата борбеност, не се предаде во вториот дел. Американката го однесе сетот во тај-брејк, каде се водеше вистинска војна на нерви. Рибакина успеа да спаси сет-топка и да го реализира својот поен за победа со 9:7 во тај-брејкот.
Сметките се нерасчистени: Реванш за 2023
Ова финале ќе биде реприза на незаборавниот дуел од пред три години, кога Сабаленка успеа да слави по пресврт. Историјата на нивните дуели е неверојатно израмнета – Сабаленка води со 8-6 во победи, а минатата година нивните четири пресметки завршија со ефект 2-2.
„Среќна сум што се враќам во финалето. Против Арина секогаш е тешко, знаеме сè една за друга и очекувам уште една голема битка“, беа првите зборови на Рибакина по мечот.
Во сабота навечер, Мелбурн ќе биде сведок на судир на две Грен Слем шампионки кои во моментов играат тенис на едно сосема друго ниво.



