Додека фудбалската треска го тресе Мароко за време на Африканскиот куп на нации (АФКОН), дел од најстрасните навивачи на континентот добија вести кои фрлаат сериозна сенка врз нивните планови за летото. Навивачите на двата африкански гиганти, Сенегал и Брегот на Слоновата Коска, се соочуваат со административни бариери кои може да ги спречат да ги бодрат своите херои на Светското првенство во 2026 година во САД.
Новите правила за влез во САД, кои стапија на сила во декември, ги ставија овие две нации на листата на земји со „делумни ограничувања“, што ефективно значи дека добивањето виза за обичните навивачи станува речиси невозможна мисија.

„Ако не сакате навивачи, не организирајте Светско првенство“
Разочарувањето кај навивачките групи е огромно. Овие рестрикции предвидуваат исклучоци само за играчите, стручните штабови и нивните најблиски семејства, но не и за армијата фанови кои се „душата“ на овие репрезентации.
„Не ми е јасно зошто домаќинот би сакал тимови од одредени земји да не бидат дел од спектаклот. Ако е така, не требаше да прифатат да бидат домаќини на Светското првенство,“ изјави Џибрил Геј, навивач на Сенегал присутен во Тангер, за Associated Press. „Обврска на САД е да обезбедат услови и ресурси за сите квалификувани земји да можат да дојдат и да го поддржат својот тим“.
Фату Диедиу, претседателка на група навивачки на Сенегал, вели дека неизвесноста е најтешка: „Навистина сакаме да учествуваме, но не знаеме како. Сега само чекаме, можеби ќе се премислат.“
Репрезентациите во небрано: Се спремаат за празни трибини?
Овие рестрикции доаѓаат во најлош можен момент, бидејќи распоредот е веќе познат и атрактивен.
- Сенегал (штотуку крунисаниот шампион на АФКОН) го отвора СП на 16 јуни против Франција на „МетЛајф“ стадионот во Њу Џерси, натпревар кој би требало да биде празник на фудбалот.
- Брегот на Слоновата Коска игра против Еквадор во Филаделфија на 14 јуни.
Селекторот на „Слоновите“, Емерс Фае, се обидува да остане оптимист, потсетувајќи дека слични визни проблеми имало и пред АФКОН во Мароко, но се решиле во последен момент.
„Фудбалот е прослава. Би било вистинска штета, особено бидејќи Мундијалот е секои четири години, да не им дозволиме на нашите поддржувачи да дојдат и да ја доживеат таа прослава,“ изјави Фае.

Играчите немоќни: „Ние мораме да победиме, со или без поддршка“
Фудбалерите се свесни за ситуацијата, но се обидуваат да останат фокусирани на теренот. Јан Диоманде, крилото на Брегот на Слоновата Коска, вели дека тие малку можат да сторат против државните политики на домаќинот.
„Во ред е за нас, можеме да играме и без поддршка ако мораме. Најважно е да победиме на секој натпревар,“ вели Диоманде, иако капитенот Франк Кеси се надева дека федерациите ќе излобираат решение.
Покрај визите, високите трошоци за пат и влезници се уште една пречка. Многу навивачи, дури и оние со двојно државјанство (како француско) кои можат да патуваат, најавуваат бојкот поради „комерцијализацијата“ на турнирот и игнорирањето на „обичниот навивач“.
Останува да се види дали ФИФА и организаторите ќе најдат начин да ги отворат вратите за африканските фанови или СП 2026 ќе остане запаметено по отсуството на најколоритните навивачи на светот.
Повеќе информации на оригиналниот извор: Al Jazeera



