Рингов засекогаш на Градски: „Црвено-црните“ со предлог за именување на јужната трибина

Објавено:

Денешната комеморација во чест на еден од најголемите фудбалери во историјата на Македонија, Васил Рингов, не беше само обично збогување. Беше ветување дека легендата за човекот кој ја „милуваше“ топката по левата аут-линија никогаш нема да изгасне.

Раководството на ФК Вардар, на комеморативната седница во хотелот „Хилтон“, ги соопшти двете големи одлуки кои веднаш ја воодушевија јавноста и навивачката група „Комити“.

Бројот 11 оди во легендите

Првата и најдиректна одлука на клубот е повлекување на легендарниот дрес со број 11. Овој број, кој долги години беше синоним за брзината, луцидноста и прецизните центаршутеви на Рингов, повеќе нема да го носи ниту еден фудбалер на Вардар. Моменталниот сопственик на „единаесетката“, младиот Димитар Данев, ќе добие нова бројка, а „честа на Рингов“ ќе остане недопирлива во клупските архиви.

https://www.ffm.mk

„Јужна“ да стане трибина „Васил Рингов“

Вардар официјално покрена иницијатива до сите надлежни институции (МОК, Министерство за спорт и ПУИГ), јужната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ да биде преименувана во трибина „Васил Рингов“.

Зошто токму јужната? Одговорот лежи во легендарните анегдоти на неговите соиграчи. Поранешниот тренер и колега, Ѓоре Јовановски, со солзи во очите се потсети на ритуалот на Рингов:

„Никогаш нема да заборавам кога пред натпревар ќе отидеше до капитенот Кочо Димитровски и ќе му речеше: ‘Те молам, одбери ја јужната страна’. Сите знаевме зошто – таму секогаш имаше сенка, а Васил не сакаше да игра на сонце. Тој беше оригинален, со својот струмички дијалект и интегритет кој денеска ретко се наоѓа“, истакна Јовановски.

Духот на Градски останува

Рингов, кој нè напушти на 23 декември на 70-годишна возраст, остави зад себе 93 гола и над 200 натпревари за Вардар. Неговиот гол против Трепча со глава, кој го врати Вардар во елитата на Југославија, засекогаш ќе остане антологиски момент во македонскиот фудбал.

Отсега, кога и да погледнеме кон „Јужна“, ќе го гледаме неговиот дух како лебди над теренот, секогаш подготвен за уште еден магичен дриблинг во сенка.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено