Иако од раководството на ФК Вардар најавија голема заедничка прослава во Градскиот парк на која требаше да се обединат фудбалските и ракометните шампиони, од тоа нема да биде ништо. Ракометниот клуб Вардар 1961 излезе со официјално соопштение во кое јасно стави до знаење дека нема да присуствува на настанот организиран од фудбалските колеги, со што експресно ги демантираше претходните најави.
Целото недоразбирање настана откако спортскиот директор на фудбалскиот клуб јавно објави дека на 23 мај (сабота), на „Школката“ во Градскиот парк, ќе се одржи официјалната прослава каде што беше најавено присуството на сите фудбалери и ракометари кои ги вратија титулите во Скопје. Сепак, од таборот на актуелниот ракометен шампион брзо пристигна ладен туш.

Плановите и поканите се веќе испратени
Од управата на РК Вардар 1961 потенцираат дека тие уште пред извесен период имаат точно дефиниран датум и агенда за прослава на својата исклучително успешна сезона, на која веќе се поканети нивните играчи, стручниот штаб, раководството, како и спонзорите и пријателите на клубот.
„Прославата ќе биде одржана на 23 мај (сабота) со почеток во 20:30 часот, па поради тоа не би можеле да присуствуваме на прославата која ќе биде организирана од страна на ФК Вардар, а на која беше најавено нашето присуство. На нашите колеги од ФК Вардар им ја честитаме титулата и им посакуваме успешен настап во Европа“, се вели во официјалното соопштение на РК Вардар 1961.
Славење на две различни локации
Со овој потег станува јасно дека на 23 мај Скопје ќе има две паралелни прослави во исто време. Фудбалскиот клуб ќе ја организира својата забава на „Школка“ во соработка со “Здружение 35 години вардарци”, додека ракометарите 20:30 часот ќе го искористат за свој затворен настан на кој ќе ги сумираат импресиите од домашните титули и настапите во Европа.
„Комити“ ја посветуваат титулата на групата и најавуваат спектакл во петок
Додека раководствата ги усогласуваат ставовите за официјалните коктели, навивачката група „Комити Скопје“ веќе ја започна големата мобилизација на екипата на социјалните мрежи. Под мотото „На победите на групата – ја посветуваме титулата!“, верните навивачи на Вардар најавија дека славењето за нив почнува многу порано.
Главниот настан за фановите е закажан за петок (22 мај), кога низ главниот град ќе дефилира огромен „Комитски караван“. Собирот е закажан за 19:30 часот на последната станица на автобусот со број 5 во Ново Лисиче, од каде со автомобили, мотори и велосипеди ќе започне масовното дефиле низ скопските улици. Од навивачката група порачуваат дека мобилизацијата е во тек секој ден и секоја минута сè до сабота, а дополнителни информации за рутата на караванот ќе бидат објавени наскоро.



