Рокот изминува, не дозволувајте Македонија да остане без Светско првенство на македонски јазик!

 

Објавено:

Светското првенство во фудбал е пред самиот почеток, а додека целиот свет со нетрпение го очекува фудбалскиот спектакл, во Македонија владее револт и неизвесност. Рокот за решавање на правата за емитување на каналите на Арена Спорт со македонски коментар (Арена М1, М2 и М3) изминува денес во 19 часот. Останаа уште нешто повеќе од осум часа!

Затоа, Спортска Станица упатува директен и јавен апел до Телеком, А1, Телекабел и сите останати македонски оператори – реагирајте веднаш!

Апел до сите инволвирани, пред сè до Арена

Овој апел е пред сè насочен и кон самата Арена. Не навлегуваме во деловните политики, не ги обвинуваме останатите оператори кои сè уште ги немаат вклучено новите канали, а најмалку од сè сакаме да го рекламираме МТЕЛ (кој засега е единствениот оператор кај кој овие канали се достапни).

Сакаме само едно: Македонија да го гледа отворањето на Светското првенство и сите натпревари на македонски јазик!

Можеби сето ова е обид за фаворизирање на МТЕЛ, знаејќи ја поврзаноста на МТЕЛ и Арена (двете компании се во сопственост на државната српска компанија Телеком Србија), но ова е апел до сите вас – ова не е момент за собирање деловни поени или препукувања преку грбот на народот. Веруваме дека ќе изнајдете решение за комерцијалните детали, но оставете го тоа за понатаму. Дури и некој денес да сака да го промени својот оператор, тоа е технички и физички невозможно да се изведе пред почетокот на првенството.

Ова е апел за разум!

Горчливата вистина зад „македонскиот коментар“

Можеби сите медиуми низ државата се израдуваа на најавата за македонски коментар (можеби требаше и ние, не сакаме да бидеме цинични), меѓутоа да се слави нешто што е основно право и нешто што во секоја полу-нормална држава е регулирано со закон, е апсурдно.

Забрането е да се емитува содржина на туѓ јазик, особено содржина која е од национален интерес. И сега, ние треба да се радуваме на тоа, чиниш штотуку сме ја напуштиле Југославија во раните 90-ти? Арена Спорт повеќе од една деценија емитува спортска програма на српски (и хрватски) јазик на територијата на Македонија, нешто што конечно почнува да се менува. Нема да се радуваме, одобруваме и признаваме како некаков огромен подарок нешто што требаше да се случи многу одамна.

Особено не кога ова е поттикнато од практично „крадење“ на правата за емитување од националниот сервис. Македонија е земја со огромен број на лица и фамилии на самиот праг, а за жал и под прагот на сиромаштијата. Истиот тој народ плаќа такси и даноци за јавниот сервис (МРТ), а сега тие луѓе немаат средства за да плаќаат дополнително за кабловски оператори само за да гледаат Светско првенство.

Ова е најблага форма на дискриминација. Секако, ова е и голем, огромен пораз за државата.

Спортот е за сите, не само за оние кои можат да платат премиум пакети. Вратете му го фудбалот на народот!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено