Рубен Аморим избран за тренер на месецот во Премиер лигата!

Објавено:

Португалскиот стратег Рубен Аморим е избран за „Тренер на месецот“ за октомври, по серија од три последователни победи со Манчестер јунајтед, со што го освои своето прво вакво признание во Англија.

Октомври беше месец на пресврт за „црвените ѓаволи“. По турбулентниот старт на сезоната и жестоките критики кон Аморим, Јунајтед ја најде победничката формула со убедливи 2:0 против Сандерленд, историска победа со 2:1 на „Енфилд“ по речиси една деценија, и спектакуларни 4:2 над Брајтон на „Олд Трафорд“.

Заслугите не се мои, туку на фудбалерите. Тие направија одлична работа. Нашата цел е да го освоиме следниот трофеј – тоа значи дека победуваме натпревари, а тоа е најважно“, изјави Аморим по приемот на наградата.

Со ова признание, 39-годишниот тренер стана првиот менаџер на Јунајтед што ја освоил оваа награда од ноември 2023 година, кога тоа му успеа на Ерик тен Хаг. Тој истовремено стана и шесттиот Португалец кој го добил ова признание, по Нуну Еспирито Санто, Жозе Мурињо, Андре Вилаш-Боаш, Бруно Лаже и Витор Переира.

Извор: https://www.premierleague.com

Дополнителен триумф за клубот донесе и Брајан Мбеумо, кој беше избран за играч на месецот, откако постигна три гола и една асистенција, што е уште еден знак дека Манчестер Јунајтед повторно се движи во вистинската насока.

Но, не сите се согласуваат со одлуката. Дел од фудбалската јавност смета дека Микел Артета требаше да биде победник, бидејќи Арсенал победи на сите натпревари во октомври без да прими ниту еден гол. Триумфите над Вест Хем, Фулам и Кристал Палас го направија тимот од северен Лондон водечки фаворит за титулата и ја потврдија нивната конзистентност на врвот.

И покрај тоа, изгледа дека гласовите на навивачите и експертите го наградија „факторот пресврт“, а не совршенството.

Аморим, кој во само една година од борба со критики дојде до менаџерска награда, можеби токму сега го наоѓа својот момент на вистински подем и можеби, само можеби, враќањето на Јунајтед таму каде што припаѓа.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено