Светската федерација за водени спортови (World Aquatics) донесе историска одлука која силно ќе одекне во спортската јавност. По тригодишна пауза и натпреварување под неутрален статус, на спортистите од Русија и Белорусија повторно им е дозволено да се натпреваруваат под своите национални знамиња, со своите химни и во официјална опрема.
Оваа одлука доаѓа како проширување на препораката од декември, кога истото им беше дозволено на јуниорите, а сега правилата се менуваат и за сениорската конкуренција.
„Спортот мора да остане надвор од конфликтите“
Претседателот на Светската федерација, Хусаин Ал Мусалам, истакна дека главната цел е базените и отворените води да останат места каде владее мирот и заедништвото меѓу сите нации.
„Во последните три години успешно работевме на тоа конфликтите да останат надвор од спортските арени. Решени сме базените да останат места каде спортистите од сите нации ќе се среќаваат во мирна конкуренција“, изјави Ал Мусалам.

Строги контроли за влез во базенот
Иако знамињата се враќаат, патот до натпреварувањата нема да биде лесен. За да добијат дозвола за настап, руските и белоруските пливачи ќе мора да поминат низ исклучително строг филтер:
- Четири последователни анти-допинг контроли кои мора да бидат негативни.
- Целосна безбедносна проверка од страна на Единицата за интегритет (AQIU) за да се потврди нивниот неутрален став кон политичките случувања.
Овие тестови ќе се спроведуваат во соработка со Меѓународната агенција за тестирање (ITA).
Се топи мразот во светскиот спорт?
Одлуката на Светската федерација за водени спортови не е изолиран случај. Неодамна Меѓународниот параолимписки комитет исто така дозволи настап на овие спортисти под национални обележја на Игрите во Милано-Кортина. Дури и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, навести дека светската куќа на фудбалот би можела да го следи овој пример, иако таквите најави веднаш наидоа на жесток отпор од украинските власти.
Останува да се види како на оваа одлука ќе реагираат останатите пливачки нации и дали ова е почеток на масовно враќање на Русија и Белорусија на светската спортска мапа во полн капацитет.



