Арина Сабаленка го дочека својот момент во калифорниската пустина. Во дуел на двете најмоќни тенисерки на денешницата, светската број 1 успеа да ја совлада Елена Рибакина со 3-6, 6-3, 7-6(5) и за првпат во кариерата да го подигне престижниот трофеј во Индијан Велс.
Од скршен рекет до шампионски ритам
Финалето започна со доминација на Рибакина, која го доби првиот сет и веднаш направи брејк во вториот. Тоа беше моментот кога Сабаленка „експлодира“ – од бес го скрши својот рекет, но наместо тоа да ја исфрли од ритам, ја разбуди нејзината препознатлива агресивност. Веднаш го врати брејкот и почна да го диктира темпото, израмнувајќи на 1-1 во сетови.
Драма каква што тенисот ретко гледа
Третиот сет беше вистинска војна на нерви. Сабаленка водеше, Рибакина се врати од бездната и при резултат 6-5 за тенисерката од Казахстан, имаше меч-топка на свој сервис. Но, тогаш Сабаленка покажа зошто е најдобра во светот. Со брутален ритерн на сервис од 195 км/ч и неверојатен бекхенд винер, таа се спаси од пораз и го однесе мечот во тај-брејк.
Во одлучувачките моменти, Сабаленка беше похрабра и со сервис винер ја запечати победата по три часа спектакуларен тенис.
Недела за паметење: Куче, свршеник и титула!
За Сабаленка оваа победа имаше и посебна емотивна тежина, со оглед на тоа што претходно загуби четири финалиња по ред од Рибакина.
„Му благодарам на Бога за овој трофеј. Каква недела беше ова за мене: добив ново куче, се свршив и на крајот ја освоив титулата. Ова ќе го паметам до крајот на животот“, изјави возбудената Сабаленка на церемонијата.
Со овој триумф, Сабаленка само ја потврди својата доминација на ВТА турнејата, додека Рибакина, и покрај поразот, покажа дека нивната соработка и ривалство во моментов е нешто најдобро што може да му се случи на женскиот тенис.



