Сабаленка и Рибакина во финалето на ВТА финалниот турнир!

Објавено:

ВТА финалниот турнир кој се одржува во Ријад ги доби своите финалистки, кои ќе ја заокружат интересната и интензивна сезона во женскиот тенис. Арина Сабаленка, која веќе го зацементираше своето место на првата позиција, денес се најде во финалето откако ја победи Аманда Анисимова.

Најдобрата светска тенисерка, Сабаленка, триумфираше во мечот над Американката со 6-3, 3-6, 6-3 во сетови.

И покрај поразот, Анисимова и тоа како има со што да се гордее оваа сезона. Таа се врати во полн сјај завршувајќи ја годината на четвртото место на ВТА листата. Во 2024 година таа му се врати на тенисот, после паузата поради нарушување на менталното здравје, а тогаш се најде на 442-та позиција.

Оваа година таа заврши во финалето на Вимблдон и УС Опен, а ги освои титулите во Пекинг и Доха на ВТА 1000 турнирите. И самата Сабаленка имаше само пофални зборови после мечот: „Таа секогаш ме тера да играм најдобро што можам. Да бидам искрена, немаше да ми биде криво ако го изгубев овој меч, затоа што мислам дека таа одигра неверојатно и двете заслуживме да бидеме во финалето“.

Од друга страна, Сабаленка остана неприкосновена на првата позиција од почетокот до крајот на сезоната, нешто што последно и има успеано на Серена Вилијамс. Сабаленка во финалето во Ријад ќе игра против Елена Рибакина.

https://twitter.com/WTA/status/1986852007970533483

Рибакина денес ја совлада фаворизираната американска тенисерка Џесика Пегула, враќајќи се од негативата во првиот сет, до конечни 4-6, 6-4, 6-3 во сетови.

Двете финалистки веќе се познаваат многу добро, а ова ќе биде нивна 14-та заедничка средба. Досега, Сабаленка е во предност од 8-5 во меѓусебните дуели.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено