Светот на тенисот се соочува со потенцијално најголемиот протест во модерната ера, откако најдобрите светски тенисерки отворено проговорија за можноста за бојкот на Грен слем турнирите. Првиот рекет на светот, Арина Сабаленка, верува дека играчите ќе преземат радикални чекори „во одреден момент“ доколку не се реши долготрајниот спор околу распределбата на приходите.
Сабаленка: „Шоуто зависи од нас“
Зборувајќи пред медиумите во Рим, Сабаленка беше невообичаено директна во врска со штрајкот како легитимно средство за борба.
„Мислам дека во одреден момент ќе бојкотираме. Чувствувам дека тоа ќе биде единствениот начин да се бориме за нашите права. Шоуто зависи од нас, без нас не би имало турнир, ниту забава“, изјави 28-годишната белоруска тенисерка.
Топ-10 играчите во машка и женска конкуренција бараат поголем процент од приходите генерирани од четирите најголеми турнири, придонеси за бенефиции и поголемо влијание врз одлуките за распоредот на мечевите.
Поделени мислења меѓу ѕвездите
Идејата за потенцијален штрајк предизвика сериозни поделби меѓу елитните тенисерки, па додека некои се подготвени на радикални чекори, други повикуваат на воздржаност. Четвртата светска тенисерка, Коко Гоф, изјави дека „100%“ се гледа себеси како дел од евентуален бојкот, под услов играчите да дејствуваат обединето и да формираат еден вид унија за постигнување на вистински прогрес. Сличен став, иако малку подискретен, има и Елена Рибакина, која потврди дека без проблем ќе ја следи одлуката на мнозинството доколку тоа се реши за протест.
Од друга страна, Ига Швјонтек смета дека бојкотот е „малку екстремен“ чекор, па иако ги поддржува барањата за поголеми награди, таа претпочита директен дијалог и преговори со менаџментот на турнирите. Најцврст став против ваквата идеја има Ема Радукану, која е категорична дека не би била дел од никаков бојкот, истакнувајќи дека Грен слем турнирите за неа се самата суштина на тенисот и нудат вредности кои не можат да се купат со пари.
Разочарување од Ролан Гарос
Тензиите се зголемија откако водечките играчи го изразија своето „длабоко разочарување“ од наградниот фонд за овогодинешниот Ролан Гарос. Иако фондот е зголемен за 9,5%, играчите сметаат дека тоа е далеку под 22% од вкупниот приход на турнирот на кои сметаат дека имаат право.
Додека УС Опен и Австралија Опен забележаа пораст на премиите од 20% и 16%, очите сега се вперени кон Вимблдон, кој својот награден фонд ќе го објави следниот месец.



