Кога сите мислеа дека е завршена работа трансферот на Нико Вилијамс во Барселона, во неочекуван пресврт на настаните, денес беше објавено дека тој останува во Атлетик.
Клубот официјално денес соопшти дека потпишале ново продолжување на договроот до јуни 2035 година, со што се стави крај на надежите на каталонците дека ќе го донесат во своите редови и покрај агитирањето на играчите како Ламин Јамал.
Барселона влезе во вистинска медиумска војна со претседателот на Ла Лига поради најавите за овој трансфер, а Тебас им порача јасно и гласно: “Може да потпишете договор со кој сакате, но нема да го регистрирате”.

И сега не само што не оди во Барса, туку потпиша неверојатно продолжување од 8 години со својот сегашен клуб.
“Кога станува збор за донесување одлуки, за мене најважно е да си го слушаш сопственото срце. Јас сум онаму каде што сакам да бидам, со моите луѓе и ова е мојот дом. Аупа Атлетик!”, изјави црвено-белиот играч во видеото кое клубот го објави на социјалните мрежи.
Athletic Bilbao’s video announcement of Nico Williams staying at the club.
byu/Shyam_Wenger insoccer
Новото продолжување на договорот на Нико Вилијамс е уште еден важен чекор во приказната на Атлетик Билбао – клуб кој не е како останатите. Оваа генерација на “лавови” веќе создава историја, а Нико само го следи патот на оние кои пред него решија дека не сакаат само да победуваат – туку сакаат да победуваат токму со Атлетик.
Тој е дел од групата фудбалери како Унаи Симон, Ојан Санчет, Дани Вивијан, Микел Јаурегисар, Бењат Прадос и секако, Ернесто Валверде – човекот кој ги води како вистински баскиски лидер. И тука е неговиот брат Ињаки Вилијамс, капитенот, моторот и примерот за сите.
Ова не се обични фудбалери. Ова се лавови кои сакаат трофеи, но уште повеќе сакаат тие трофеи да бидат со нивниот Атлетик. Знаат дека секој успех е посладок кога патот е тежок.
Нико Вилијамс стана дел од Атлетик во сезоната 2013/14, само една година по пристигнувањето на неговиот брат Ињаки во Лезама. Од тогаш, Нико помина низ сите младински категории и дебитираше за првиот тим на 28 април 2021 година, на само 18 години.
Во изминативе пет сезони, веќе одигра 167 официјални натпревари, освои една титула во Купот на Кралот, играше во Лига Европа (каде Атлетик стигна до полуфинале) и го врати тимот во Лигата на шампиони.
Неговото влијание врз играта е огромно – со својата брзина и дриблинг е вистинска закана за секоја одбрана. Постигна 31 гол, создаде безброј шанси и стана кошмар за противничките бекови.
Нико не е само иднината на Атлетик. Тој веќе е дел од легендата на клубот.



