„Сè на црвено“ открива: Како Маркез го „скрши“ Бањаја и ја шокираше гаражата на Дукати

Објавено:

Официјалниот документарен филм на MотоГП за сезоната 2025, насловен „All on Red“ (Сè на црвено), фрли нова светлина врз шокантната доминација на Марк Маркез и неочекуваниот пад на Франческо „Пеко“ Бањаја. Документарецот открива дека атмосферата во Дукати, која на почетокот требаше да биде само „ривалска“, набрзо се претворила во вистински кошмар за досегашниот првак.

Целосна доминација на Маркез и немоќ на Бањаја

Иако многумина очекуваа израмнета борба, реалноста на патеката беше сурова. Маркез се адаптираше на новиот мотор GP25 со застрашувачка леснотија, освојувајќи неверојатни 11 победи на 18 трки. Од друга страна, Бањаја се соочи со „слободен пад“ во формата што ги тестираше неговите нерви, но и неговиот однос со тимот.

Падот на возачот кој доминираше во 2022 и 2023 година беше енигма за сите во MотоГП падокот. Додека Маркез нижеше победи, Бањаја постојано се жалеше на „недостаток на чувство“ за предниот дел на моторот, проблем за кој инженерите на Дукати едноставно не можеа да најдат лек.

Очајот на Тардоци: „Не знам што повеќе да направам“

Извор: https://www.motogpnews.com/(Photo by Gold & Goose Photography/Getty Images)

Највпечатливиот момент во документарецот е тајната снимка од гаражата, каде тимскиот менаџер Давиде Тардоци во очај признава:

„Не разбирам што му се случува на Пеко. Испробавме сè, ги истраживме сите можни опции, но решение нема.“

Статистиката е немилосрдна кон Италијанецот. По солидниот почеток со седум подиуми во првите 11 трки (што сепак беше бледо во споредба со Маркез), Бањаја доживеа целосен колапс. До крајот на сезоната, тој успеа да се искачи на подиумот само уште еднаш.

Поразен од сите „колеги“ на Дукати

Серијата слаби резултати беше прекината само со една, речиси необјаснива победа во Јапонија, но тоа не беше доволно да се спаси сезоната. Бањаја ја заврши годината на разочарувачкото петто место во генералниот пласман. Податокот кој најмногу боли е дека во втората половина од сезоната (од трката во Чешка па наваму), Пеко беше престигнат по бројот на освоени поени од секој друг возач кој управуваше со мотор на Дукати.

„Само тој заостанува“

Дали Бањаја е пред излезна врата?

Во новиот сегмент од документарецот, немоќта на тимот станува уште поочигледна. Тардоци, во еден од најискрените моменти пред камерата, вели:

„Штета е ова што му се случува на Пеко. Веќе не разбирам ништо. Не знам што повеќе да направам или што да му кажам. Влезен е во маѓепсан круг… сите други возачи на Дукати се тука, во врвот. Само тој заостанува.“

Оваа изјава јасно покажува дека трпението во гаражата на италијанскиот гигант е при крај. Иако самиот возач изрази цврста желба да остане, се погласни се шпекулациите дека Дукати можеби нема да му го продолжи договорот. Настаните од 2025 година оставија длабока трага и очигледно предизвикаа сериозни сомнежи кај раководството.

Каде би ја продолжил кариерата поранешниот шампион?

Доколку дојде до разделба, едно е сигурно, Бањаја нема намера да се пресели во сателитски тим. Иако има исклучително блиски односи со Валентино Роси и е „производ“ на неговата академија VR46, Пеко цели исклучиво на фабричко седиште.

И покрај моменталната криза, неговиот рејтинг на пазарот сè уште е висок. Неколку големи тимови веќе ја следат ситуацијата:

  • Јамаха и Хонда: Јапонските гиганти се сериозно заинтересирани да го видат Италијанецот во своите редови, надевајќи се дека неговото искуство со победничкиот мотор на Дукати ќе им помогне да се вратат на врвот.
  • Априлиа: Оваа недела се појавија гласини дека и тимот од Ноале е во игра, особено поради неизвесноста околу иднината на Хорхе Мартин.
Извор: https://motorcyclesports.net/

Одлуката се одлага за 2026 година

Раководството на Дукати, сепак, нема да брза. Тие најверојатно ќе ја одложат конечната одлука за неговата иднина барем до крајот на зимските тестирања. Тие тестови ќе бидат клучни и ќе дадат јасна слика дали Бањаја може да се врати во старата форма или пак неговата ера во „црвено“ е дефинитивно завршена.

Гостинска статија на Марија Петровска


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено