Македонскиот селектор, Гоце Седлоски, и официјално го означи почетокот на операцијата „Данска“. На денешната прес-конференција каде го соопшти списокот од 28 фудбалери, Седлоски отворено зборуваше за предизвикот кој нè очекува на „Паркен“ и причините поради кои се одлучи за комбинација од проверени сили и нови освежувања.
„Костурот“ останува, дебитантите носат енергија
Со оглед на тоа што времето за подготовки е екстремно кратко (само два дена!), Седлоски реши да не прави радикални промени и да го задржи костурот на тимот кој веќе има изградена хемија. Сепак, тој верува дека тројцата дебитанти (Мусовски, Ерера и Фетаи) и повратниците (Николов, Дориев и Бејтулаи) се вистинското решение во овој момент.
„Веруваме дека со формата и квалитетот што го покажуваат, дебитантите заслужија шанса и можат да донесат дополнителна енергија. Повратниците, пак, добро го познаваат системот и знаат како да дадат важен придонес кога е најпотребно“, изјави Седлоски.
Респект за Данска, но без страв
Селекторот не крие дека Данска, особено како домаќин во Копенхаген, ја има фаворитската улога, но потенцира дека Македонија нема да биде само нем набљудувач.
„Свесни сме дека Данска е топ репрезентација, но ние имаме јасна идеја, голема мотивација и верба во фудбалерите. Наш фокус е исклучиво на тоа како ние ќе изгледаме на теренот и како ќе одговориме на предизвикот“, дециден е предводникот на „црвено-жолтите“.
Македонија го започнува собирот со висок морал, надевајќи се дека токму таа „јасна идеја“ на Седлоски ќе биде клучот за уште еден голем скалп на европскиот гигант и чекор поблиску до Мундијалот.



