Македонската фудбалска репрезентација утре со почеток во 18:00 часот ќе ги дознае своите противници за новото издание на Лигата на нации. За првпат во историјата, нашата селекција е дел од престижниот Б сегмент, што за селекторот Гоце Седлоски претставува идеален тест пред квалификациите за ЕП 2027.
„Ги почитуваме фаворитите, но веруваме во себе“
Седлоски е реален во проценките, но и оптимист за квалитетот на своите избраници. Тој потенцира дека рејтингот на противниците од првите два шешири не смее да биде пречка за нашите амбиции.
„Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, да го наметнеме нашиот стил и да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б. Ќе ги почитуваме сите противници, но најмногу ќе веруваме во себе. Ако бидеме организирани, можеме да бидеме незгоден противник за секого“, изјави популарниот Седло.
За националниот тим, овој циклус е шанса за раст и потврда дека „Рисовите“ имаат стабилна основа за големи резултати во иднина.
Потсетување на шеширите:
Македонија е во четвртиот шешир и ги избегнува Шведска, Севрна Ирска и Косово. Еве од каде ќе ни „прети“ опасност:
- Шешир 1: Шкотска, Унгарија, Полска, Израел.
- Шешир 2: Швајцарија, БиХ, Австрија, Украина.
- Шешир 3: Словенија, Грузија, Р. Ирска, Романија.



