Додека ФИФА го слави новото, проширено Светско клупско првенство како почеток на “златна ера”, поранешниот претседател на светската куќа на фудбалот, Сеп Блатер, упати жестоки критики кон својот наследник, Џани Инфантино. Во интервју за германската телевизија ntv, 89-годишниот Блатер го обвини актуелното раководство дека го “продало фудбалот” и дека го турка спортот во “мрачно доба”.
Оваа јавна пресметка помеѓу двајцата најмоќни луѓе во фудбалот во последните децении ја открива длабоката поделба и криза на идентитетот со која се соочува модерниот фудбал.
Обвинувањата на Блатер: Премногу фудбал и продажба на Саудијците
Блатер, кој беше на чело на ФИФА од 1998 до 2015 година, без влакна на јазикот ја нападна одлуката Светското првенство во 2034 година да ѝ се додели на Саудиска Арабија, како и растечкото влијание на кралството во спортот.
View this post on Instagram
“Да, го изгубивме фудбалот, ѝ го понудивме на Саудиска Арабија и тие го зедоа”, изјави Блатер за ntv, а пренесе и The Athletic. “И што е најизненадувачки, нема никаква опозиција на тоа внатре во ФИФА. Порано на конгресите се дискутираше за проблемите. Денес, сè се прави електронски и никој ништо не вели. Можете дури и шест часа да доцните на конгрес”, додаде тој, алудирајќи на доцнењето на Инфантино на конгресот во Парагвај, откако беше на контроверзна турнеја со американскиот претседател Доналд Трамп.
Поранешниот претседател жестоко го критикуваше и новиот формат на Светското клупско првенство: “Има премногу фудбал. Секогаш истите клубови и истите играчи се засегнати, без адекватен одмор. Играа во најжешкото лето… тоа е нездраво и дрско. Мора да ги заштитиме играчите.”
Одговорот на Инфантино од Трамп Тауер: “Златната ера започна!”
Од друга страна, актуелниот претседател на ФИФА, Џани Инфантино, има сосема поинаква визија. На медиумски настан во “Трамп Тауер” во Њујорк, каде што ФИФА неодамна отвори канцеларија, тој го прогласи турнирот за огромен успех.
“Златната ера на клупскиот фудбал започна. Ова е најуспешното клупско натпреварување во светот”, изјави Инфантино, отфрлајќи ги критиките од имиња како Јирген Клоп.
За да ја поткрепи својата изјава, тој презентираше импресивни бројки: 2,5 милиони гледачи на стадионите (просек од 40.000 по натпревар), 2,1 милијарди долари приход и 20 милијарди гледачи ширум светот преку бесплатниот пренос на DAZN. Тој, исто така, отворено му се заблагодари на Доналд Трамп за “незаменливата поддршка”.

Помеѓу “златната ера” и “мрачното доба”
И покрај оптимизмот на Инфантино, многу европски медиуми, како германскиот ntv, го оценија турнирот како “дистопија” и врв на “мегаломанијата”. Тие истакнуваат дека турнирот бил дочекан со огромен неинтерес во Европа и дека служел како алатка за промоција на политички и државни интереси, а не на фудбалот.
Како што се наведува во анализите, додека Саудиска Арабија се појавува како “голем добротвор” и главен спонзор, се заборава на состојбата со човековите права во земјата. Во исто време, играчите се бореа со екстремните горештини, а ФИФА се соочуваше со полупразни стадиони на голем дел од натпреварите.
На крајот, финалето помеѓу Челси и ПСЖ можеби ќе биде крунисување на еден успешен бизнис модел, но војната на зборови помеѓу Блатер и Инфантино ја покажува длабоката криза во која се наоѓа фудбалот – растргнат помеѓу страста на навивачите и интересите на моќниците.