Лигата на шампионите носи еден посебен дуел оваа недела: Барселона гостува кај Њукасл. Две екипи кои ретко се среќавале низ историјата, но сепак ги поврзува една огромна личност – Сер Боби Робсон. Англичанецот остави неизбришлива трага и на Камп Ноу и на Сент Џејмс Парк, иако во многу различни околности.
Во Барселона пристигна во 1996 година, во момент кога мораше да го замени митскиот Јохан Кројф, што тогаш беше речиси невозможна мисија. Но Робсон дојде со врвни креденцијали: полуфинале со Англија на Светското првенство, како и титулите со ПСВ и со Порто. На Камп Ноу го чекаше соблекувална полна со големи имиња: Стоичков, Гвардиола, Луис Енрике, Фиго… и еден 19-годишен Бразилец кој штотуку пристигна од Ајндховен – Роналдо.
Сезоната 1996/97 остана запаметена како “годината на Роналдо”, но исто толку и како “годината на Робсон”. Со 47 гола на Бразилецот, Барселона освои три трофеи – Купот на победниците на куповите, Копа дел Реј и Суперкупот на Шпанија. А легендарната вечер против Атлетико Мадрид во Купот влезе во историјата. Од 0:3 на полувреме, со незаборавен пресврт до 5:4, инспириран токму од Робсон и неговата харизма.
Пеп Гвардиола подоцна ќе каже: “Тогаш научив дека тренерот се гледа во тешките моменти. Тој секогаш се смееше. Никогаш немаше да реагирам како него. Тогаш првпат почнав да размислувам дека сакам да бидам тренер”.
По Барселона, Робсон накратко се врати во ПСВ, а во 1999 ја доби работата од соништата како менаџер на неговиот Њукасл. Пет години остана таму и ги врати “Страчките” во врвот на Англија, со две учества во Лигата на шампионите. Токму тогаш, во 2003 година, Њукасл и Барселона се сретнаа во натпревар кој Каталонците го добија со 2:0 на Сент Џејмс Парк, што беше и последна средба меѓу двата тима.
Сер Боби Робсон почина во 2009 година по борбата со ракот, но неговата приказна сè уште живее. Сега, кога Барселона повторно се соочува со Њукасл, овој дуел е и потсетник на еден вистински англиски господин кој остави трага и на Каталонците и на “црно-белите” од Тајнсајд.