После недели на шпекулации и неколку драматични обиди од ривали, Манчестер Јунајтед конечно го доби своето ново напаѓачко засилување. Според реномираниот “The Athletic” Бенјамин Шешко, 22-годишниот словенечки бисер, постигна договор со “Црвените ѓаволи” и е на пат да стане дел од амбициозниот проект на Рубен Аморим.
Договорот со РБ Лајпциг е во вредност од 76.5 милиони евра, плус дополнителни 8.5 милиони во бонуси, иако првичната понуда од Њукасл била поголема (82.5 милиони евра + 2.5 милиони во бонуси). Шешко сам избрал да го носи црвениот дрес на Манчестер, а договорот бил завршен релативно брзо и без турбуленции, што само ја потврдува решеноста на двете страни да ја затворат приказната.
Со ова, Јунајтед го добива еден од најперспективните напаѓачи во Европа, играч кој минатата сезона постигна 21 гол за Лајпциг, а од неговото доаѓање од РБ Салцбург во 2023 година, има 39 голови и 8 асистенции на 87 натпревари.
Според новинарот Фабрицио Романо, планот е Јунајтед да го претстави Шешко официјално во сабота, а тој уште вечерва ќе пристигне во Манчестер по што ќе следуваат медицинските прегледи и официјализирањето на договорот.
🚨🏟️ Understand Manchester United are planning internally to unveil Benjamin Šeško at Old Trafford on Saturday! ✨
Arrival tonight, medical and signature on Friday, unveiling on Saturday. 👋🏼🇸🇮 pic.twitter.com/gTLRBd34kZ
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) August 7, 2025
Њукасл не штедеше во обидот да го доведе Шешко, нудејќи му шанса да игра во Лигата на шампионите следната сезона. Но и покрај тоа, Словенецот ја избра стабилноста, традицијата и големината на Манчестер Јунајтед, клуб кој веќе инвестираше во офанзивата со трансферите на Матеус Куња и Брајан Мбеумо.
Според аналитичарот Карл Анка од “The Athletic”, Шешко е “брз, моќен и тврдоглав” напаѓач со физика која ретко се среќава. Со висина од 195 сантиметри, брзина која го издвојува од другите и чувство за гол кое се развиваше уште од деновите во НК Домжале, ова е фудбалер што одбива да остане во сенка.
Многумина го споредуваат со Ерлинг Халанд, не по достигнувањата, туку по потенцијалот. Шешко сè уште не е на нивото на Норвежанецот, но го има истиот тип на “суров” талент и тоа не е нешто што се тренира.
Секако, како и секој млад напаѓач кој доаѓа во клуб од калибарот на Јунајтед, пред него се поставува прашањето: ќе издржи ли под притисокот? Премиер лигата не простува, а животот на Олд Трафорд значи бескрајно внимание, анализа и критика.
Но Манчестер Јунајтед верува дека може. Клубот уште во 2019 година го следел Шешко, уште додека настапуваше за Домжале, а потоа внимателно го анализираше секој негов чекор во Салцбург и Лајпциг.
Сега, пет години подоцна, Бенјамин Шешко е на прагот на најголемиот предизвик во неговата кариера.



