Во светот на фудбалот, каде што егото често е поголемо од талентот, Чаби Алонсо уште еднаш покажа што значи да се биде вистински господин.
Само 24 часа по болниот отказ (официјално: спогодбен раскин) од клупата на Реал Мадрид, баскискиот стратег не покажа прст кон никого. Немаше обвинувања кон управата, немаше „отровни стрели“ кон ѕвездите како Мбапе или Винисиус кои наводно го бојкотираа.
Наместо тоа, Алонсо си замина онака како што и играше, со крената глава, елеганција и апсолутна класа.
„Си одам со почит и гордост…“
Во својата прва реакција по заминувањето, објавена на неговиот Инстаграм профил, Алонсо напиша порака која треба да служи како пример за професионализам.
„Оваа професионална етапа заврши, и тоа не онака како што посакувавме. Да се тренира Реал Мадрид беше чест и одговорност,“ напиша Алонсо.
Тој додаде:
„Им благодарам на клубот, на играчите и пред сè на навивачите за нивната доверба и поддршка. Си заминувам со почит, благодарност и гордост што дадов сè од себе.“
Крај без „валкани алишта“
Иако шпанските медиуми откриваат дека Алонсо ќе добие отштета помеѓу 7 и 9 милиони евра (само за првата година од договорот, поради клаузула), финансискиот дел е помалку битен од моралниот.
Во момент кога соблекувалната на „Кралевите“ изгледа како градинка за разгалени милионери, Алонсо одби да влезе во калта. Тој ја прифати одговорноста и си замина, оставајќи ги проблемите на оние што остануваат, пред сè на неговиот наследник, Алваро Арбелоа.



