Денеска од 14:30 часот, Градскиот стадион во Кратово ќе биде сцена на дуелот меѓу Силекс и Пелистер во рамките на 23-то коло од Првата македонска фудбалска лига. Додека домаќините сонуваат за излез во Европа, гостите од Битола се борат за секој бод што ќе им донесе мир во долниот дел од табелата.
Васоски: „Нема калкулации, одиме на три бода“
Екипата на Силекс сè уште ја чека првата пролетна радост пред својата публика. Тренерот Александар Васоски јасно порача дека неговиот тим не смее да киксне доколку сака да остане во трка за европските купови.
„Нашиот фокус е и на првенството и на Купот. Сакаме излез во Европа и ќе се бориме до крај. Пелистер е незгодна екипа и нивната позиција на табелата нема да нè залаже. Мораме да ја подобриме концентрацијата во финишот и реализацијата за конечно да победиме дома“, изјави Васоски.

Пелистер во Кратово доаѓа да го поправи впечатокот
Битолчани имаа тежок распоред на крајот од вториот круг, а заморот беше видлив на последниот меч со Тиквеш. Тренерот Милан Стојаноски смета дека екипата е подготвена за корекција, иако признава дека теренот во Кратово е едно од најтешките гостувања.
Најефикасниот играч на „зелено-белите“, Лука Булатовиќ, смета дека ефикасноста е клучна, со оглед на тоа што тимот не постигна гол на последните два натпревари.
„Свесни сме за ситуацијата, ни требаат бодови од секој меч. Доаѓаме во Кратово со јасна цел да покажеме квалитет и компактност во сите линии“, порача Булатовиќ.
Битолски Пелистер нема победа во Кратово уште од далечната 2017 година. Дали денеска Силекс ќе ја продолжи традицијата или битолчани конечно ќе го „освојат“ Кратово, дознаваме попладнево.



