Италијанскиот тениски феномен Јаник Синер продолжува да ја пишува историјата на „белиот спорт“ со златни букви. Светскиот број 2 и актуелен шампион во Мајами, во вечерва го „збриша“ домашниот миленик Френсис Тифо со убедливи 6-2, 6-2, обезбедувајќи место во своето четврто полуфинале на овој турнир.
Победа за само 71 минута
По тешката битка со Микелсен во претходната рунда, Синер против Тиафо изгледаше како машина. На Италијанецот му беа потребни само 71 минута за да го заврши мечот, притоа не дозволувајќи му на Американецот ниту една брејк-шанса. Синер направи четири брејка и покажа застрашувачка смиреност во клучните моменти.
„Многу е важно како го почнувате мечот. Кога веднаш ќе направите брејк, тоа ви дава огромна самодоверба. Се трудам да останам компактен и ментално стабилен, без разлика на падовите во играта. Клучот денес беше смиреноста и користењето на секоја шанса“, изјави Синер по големата победа.
Рекордите на Новак се минато
Синер во Мајами не само што победува, туку и ги „брише“ достигнувањата на најголемите. Италијанецот веќе го собори рекордот на Новак Ѓоковиќ од 24 последователни добиени сетови на Мастерс 1000 турнирите. По победата над Тифо, таа низа сега изнесува неверојатни 30 сетови по ред без пораз на Мастерс сцената!
Но, тука не е крајот на историските моменти:
- Синер е првиот тенисер во историјата на турнирот (основан во 1985 година) кој стигнал до полуфинале четири пати во своите први пет настапи.
- Тој е првиот маж кој врзал 14 победи по ред на „Sunshine Double“ (Индијан Велс и Мајами) без ниту еден загубен сет.
Во полуфиналето, четирикратниот Грен слем шампион ќе се соочи со подобриот од дуелот меѓу Александар Зверев и Франциско Серундоло. Со оглед на формата во која се наоѓа, Јаник Синер изгледа незапирливо на патот кон одбрана на титулата.



