Синер го победи Алкараз во Торино! Одбрана на титулата на АТП финалниот турнир

Објавено:

Јаник Синер ја комплетираше совршената недела во Торино и со нова маестрална партија ја одбрани титулата на Нито АТП Финалето, совладувајќи го Карлос Алкараз со 7-6(4), 7-5, победа што само ја цементираше неговата доминација на затворени терени каде има неверојатен скор од 31 победа во низа и го подгреа најголемото тениско ривалство на новата ера.

Во финале што многу личеше на продолжение од целата 2025 сезона, светскиот бр. 1 Алкараз и бр. 2 Синер уште еднаш го донесоа најдоброто од себе. Двајцата изминатава година освоија вкупно 13 титули, вклучувајќи ги сите четири Гренд Слемови, па логично, сезоната мораше да заврши токму вака: под рефлекторите во Торино, пред публика што гореше од енергија.

Синер, носен од италијанското море од навивачи во „Иналпи Арена“, играше со темпо и прецизност што потсетуваа на неговите најдобри моменти. Првиот голем тест дојде при 5-6 во првиот сет, кога на сет-топка за Алкараз сервираше со 188 километри на час.

Со победата, 24-годишниот Италијанец им се придружи на Макенроу и Бекер како единствени играчи со повеќе домашни титули на АТП Финалето. Последен пат кога тој беше поразен во сала, беше пред две години на финалето во Торино од Новак Ѓоковиќ.

Синер ја завршува неделата со совршени 5-0, без загубен сет и рекордна награда од 5.071.000 долари, што е најголема заработка во историјата на турнирот. Неговиот победнички процент на Нито АТП Финалето сега е 88.2%, што го става пред Илие Настасе.

Шпанецот, кој веќе ја обезбеди завршната светска бр. 1 позиција, имаше само зборови на почит:
„Тоа што нема пораз во сала две години кажува колку е голем играч. По секој пораз се враќа уште посилен“.

Ривалството сега е 10-6 за Алкараз, но со победите на Вимблдон и Торино оваа година, Синер јасно порача дека борбата за тронот во следната деценија ќе биде шоу на двајца.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено