Ниту дождот, ниту прекините, ниту големата желба на противникот не можеа да го сопрат Јаник Синер. Италијанскиот тенисер ја круниса својата доминација во САД со триумф на Мастерсот во Мајами, совладувајќи го изненадувањето на турнирот, Јиржи Лехечка, со 6-4, 6-3.
Со оваа победа, Синер влезе во елитното друштво на освојувачи на „Sunshine Double“ (Индијан Велс и Мајами во иста година), но со еден неверојатен рекорд: тој е првиот тенисер во историјата кој ги освоил овие два поврзани Мастерси без да изгуби ниту еден сет!
THE MOMENT JANNIK SINNER WON THE SUNSHINE DOUBLE. 🥹
— The Tennis Letter (@TheTennisLetter) March 29, 2026
First man in history to win it without dropping a set.
First man to win it since Roger Federer in 2017.
Only the 8th man to ever achieve it.
Sinner things are historic things.
🇮🇹🦊
pic.twitter.com/qQzXhvGGMo
„Макина“: Сервис кој не простува
Иако Лехечка го играше своето прво Мастерс финале и влезе во мечот со серија од 56 добиени гемови на свој сервис, Синер експресно го „скрши“ тој ритам. Клучот на победата на Италијанецот беше неговиот сервис, каде освои неверојатни 92% од поените на свој прв сервис (33 од 36).
Најкритичниот момент се случи во првиот сет при резултат 2-1, кога Лехечка имаше 0-40 на сервис на Синер. Тогаш италијанската „машина“ испука пет последователни „бомби“, вклучувајќи и два аса, за да ја спаси ситуацијата. По тој момент, чешкиот тенисер веќе немаше ниту една шанса за брејк.
„Ова е многу специјален момент за мене. Да се дојде тука и да се повтори успехот по Индијан Велс значи многу. Финалињата се секогаш поинакви и тешки, но пресреќен сум како сервирав цела недела. Тоа е сегментот на кој најмногу работевме“, изјави Синер по подигнувањето на својот седми Мастерс трофеј.
Италијанска доминација и историски викенд
Овој викенд во Флорида беше целосно обоен во „азурно“. Покрај Синер, титула во Мајами во двојки освои и италијанскиот тандем Сара Ерани и Јасмин Паолини. Интересно е што и кај жените во сингл, Арина Сабаленка го комплетираше својот „Сончев дубл“, со што 2026 година стана само четвртата во историјата во која и кај мажите и кај жените имаме ист освојувач на двата турнири.
Дека ова беше добар ден за италијанскиот спорт сведочи и посветата на Синер по завршувањето на мечот. Имено, Синер како голем фан на мотоспортот ја посвети победата на Кими и Бецеки, кои дента победија во Формула 1 и МотоГП.
Синер и Алкараз: Новите господари на тенисот
Статистиката е застрашувачка: Јаник Синер и Карлос Алкараз победиле на последните 19 турнири на кои настапиле заедно (почнувајќи од Мадрид 2024). Синер сега е на второто место на АТП листата, но опасно му се доближува на Алкараз во битката за светскиот трон.
За Лехечка, кој на трибините имаше поддршка од хокеарската легенда Јаромир Јагр, овој турнир е најава за влез во топ 10, но како што самиот призна по мечот: „Јаник моментално ни ги покажува лимитите на сите нас. Мораме многу да напредуваме за да го достигнеме тоа ниво“.



