Цела недела фудбалски Манчестер зборуваше за драмата на црвената страна на градот и најавеното заминување на суперталентираниот 15-годишник Џеј-Џеј Габриел од „Олд Трафорд“. Но, на синиот дел од градот фокусот е исклучиво на теренот. Манчестер Сити го прегази Норич со 5-0 во третото коло од Карабао Купот, а вечерта му припадна на 17-годишното момче за кое допрва ќе пишува европската јавност – Флојд Самба.
Тинејџерот, кој минатата сезона блескаше за тимот до 18 години со 24 гола и 10 асистенции, доби шанса за деби во сениорскиот тим кај новиот менаџер Енцо Мареска и ја искористи на најдобар можен начин: со два погодока и награда за играч на натпреварот.
A double on debut for Floyd! 🤩 pic.twitter.com/sFyqI0Chlr
— Manchester City (@ManCity) September 17, 2026
Деби од соништата на сосема нова позиција
Интересно е што Мареска одлучи да го фрли младиот фудбалер во оган на позицијата централен напаѓач („деветка“) – улога во која Самба никогаш претходно немаше играно во младинските категории.
Храбриот тактички потег се исплатеше во целост. Во моменти кога Сити бараше пат низ збиената одбрана на Норич, Самба го отвори резултатот со инстинктивен удар со глава, прославувајќи со бакнеж кон трибините каде што седеа неговите најблиски. Во вториот дел покажа и техничка елеганција, постигнувајќи прекрасен втор гол со пласиран удар за ерупција од аплаузи на „Етихад“.
„Знаев дека ќе добијам шанса да одиграм некоја минута, но да се доживее вакво деби е неверојатно. Сепак, ова е само почеток, пред мене е голема кариера“, порача самоуверениот тинејџер по натпреварот.
„Посакувам да можам да го опишам ова со зборови. Неверојатен натпревар. Ова е тоа за кое сонував, а да се претвори во реалност е најубавото нешто на светот во моментов“, ја започна својата изјава за клупската телевизија младиот играч на натпреварот.
„Енцо зборуваше со мене во вторникот и ми ја предложи идејата да играм како ‘деветка’. Како што се наближуваше натпреварот, знаев дека ќе бидам стартер. Морав само ментално да се подготвам. Мислам дека одлично се снајдов“, објасни Самба, а потоа самоуверено додаде: „Знаев дека ќе добијам шанса, но да се доживее вакво деби е неверојатно. Сепак, ова е само почеток, пред мене е голема кариера“.
Син на дефанзивна карпа, а игра со крилја на нозете
Презимето Самба буди носталгија кај повозрасните љубители на Премиер лигата. Флојд е син на поранешниот дефанзивец на Блекбурн и КПР, Кристофер Самба – физички моќен, бескомпромисен стопер со речиси 200 премиерлигашки настапи зад себе.
Сепак, помладиот Самба е тотална спротивност на својот татко: брз, технички поткован, подвижен напаѓач кој лесно создава вишок и ги напаѓа празните простори. На трибините беше и неговиот татко, кој со гордост го следеше патот на својот син кон највисокото фудбалско ниво.

Мареска смирува, но пораката е испратена
Италијанскиот стратег на клупата на „граѓаните“ не го криеше задоволството, но очекувано се обиде да ја спушти топката на земја.
„Пресреќен сум, не само за головите, туку и за начинот на кој се движеше и носеше одлуки. Го прашав пред неколку дена дали играл напад, ми рече никогаш. Се покажа одлично, силен е и има завршница, но тој е сè уште млад и мораме да одиме чекор по чекор“, истакна Мареска.
Јасно е дека Флојд Самба нема преку ноќ да го истисне Ерлинг Халанд од стартните единаесетмина, но синоќешната партија покажа дека академијата на Сити продолжува да вади готови производи за највисокото фудбалско ниво. Додека комшиите се борат со внатрешни кризи, на „Етихад“ се создаваат нови ѕвезди.



