Скандал пред ЕП: ЕХФ ги суспендираше Начевски и Николов поради „лажирани“ фитнес тестови!

 

Објавено:

Она што требаше да биде историски момент за македонското судење со два пара на едно Европско првенство, се претвори во вистински кошмар. Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе драстична одлука да ги отстрани Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од ЕХФ ЕУРО 2026, обвинувајќи ги за фалсификување на видеата од нивната физичка подготовка.

Според официјалното соопштение на ЕХФ, постојат цврсти докази дека снимките од задолжителните кондициски тестови биле дигитално манипулирани. Најдобриот македонски судиски пар нема да отпатува за Данска, Шведска и Норвешка, откако деталната истрага покажала „висока веројатност“ дека нивните фитнес тестови биле дигитално манипулирани.

Одлуката е донесена со цел да се заштити интегритетот на првенството, но случајот за нашите арбитри тука не завршува.

Анализата на „Sportradar“ пресудна

Процесот на подготовка за ЕХФ ЕУРО бара сите судии да достават две видео-снимки од т.н. „Мултистепен фитнес тест“ (8 недели и 4 недели пред почетокот). По сомнежите на фитнес-партнерот „Fitgood Pro“, во случајот беше вклучен и партнерот за интегритет на ЕХФ, „Sportradar“.

„Длабинската анализа откри докази дека постои висока веројатност дека видеата се манипулирани. Со цел да се заштити интегритетот на турнирот, ЕХФ одлучи да ја повлече нивната номинација“. стои во официјалното известување.

Извор: https://www.eurohandball.com

Можни се дополнителни правни процедури

ЕХФ нагласува дека првенството ќе продолжи со 17 судиски парови и дека функционалноста на судењето нема да биде загрозена. Сепак, за Начевски и Николов следуваат тешки денови.

„Случајот ќе биде дополнително истражен, а ЕХФ го задржува правото да покрене правни процедури пред своите правни инстанци“, предупредуваат од европската куќа на ракометот. Ова значи дека освен пропуштањето на ова ЕП, на македонскиот пар му се закануваат и долготрајни суспензии доколку вината биде и правно докажана.

Македонија останува со еден судиски пар

Со оваа одлука, македонското знаме меѓу судиите на ЕП ќе го претставуваат само Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, за кои ова ќе биде голем предизвик во сенка на овој голем скандал.

Начевски и Николов со години важат за апсолутен врв во светскиот ракомет, делејќи ја правдата на финалиња на Олимписки игри, Светски и Европски првенства. Овие обвинувања се огромен удар за нивната репутација, а допрва се очекуваат реакции од нашите судии и евентуални дополнителни санкции од страна на ЕХФ.

Шампионатот започнува на 15 јануари, но за жал, една од главните теми веќе нема да биде ракометот, туку интегритетот на најдобрите светски арбитри.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено