По денешниот тежок пораз во Баку, Шкендија го заврши својот настап во квалификациите за Лигата на шампионите и сега ќе ја продолжи својата европска кампања во Лигата на Европа.
Во реваншот од третото коло, Тетовци беа убедливо совладани со 5-1 од Карабах. Натпреварот започна со надежи за сензација, особено откако Тамба во 10-та минута ја погоди мрежата и донесе водство за Шкендија. Но, радоста кратко траеше, а со поразот завршија и надежите за Лигата на шампионите.
Со овој резултат, Шкендија се префрли во плејофот за пласман во Лигата на Европа, каде вечерва го дозна и својот противник – бугарскиот шампион Лудогорец. Тимот од Разград ја доби оваа улога откако беше елиминиран во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите од унгарскиот Ференцварош.

По ремито без голови во првиот натпревар, реваншот во Будимпешта им припадна целосно на домаќините, а Ференцварош славеше со убедливи 3-0. Двојниот стрелец и јунак на мечот беше Варга, а конечниот резултат го постави Шалаи. Лудогорец имаше шанса да поведе, но голот им беше поништен поради офсајд.
Првиот натпревар меѓу Шкендија и Лудогорец ќе се одигра на 21 август во Скопје, додека реваншот е закажан за 28 август во Разград.



