Вечерва, Националната Арена “Тодор Проески” ќе биде центарот на фудбалот во Македонија. Шкендија, освојувачот на шампионската титула, излегува на терен со мисла на историја, на гордост, на нов чекор кој може да ја дефинира цела сезона. Во Скопје доаѓа Карабах, шампионот на Азербејџан, клуб со моќна европска репутација и искуство што се градело повеќе од деценија.
Но, Шкендија веќе испиша историја кога го обезбеди своето прво учество во лигашката фаза на европските натпреварувања. Сè од сега па натаму е бонус. А, зошто бонусот да не биде уште една сензација?

Тренерот Јетон Беќири е свесен за тежината на предизвикот. Карабах е тим што 11 пати бил шампион во последните 12 сезони. Тренерот им е ист веќе 17 години, нешто што ретко се гледа во модерниот фудбал. Но, почитта не значи и предавање.
“Ќе мора да одиграме над границата на нашите можности. Карабах има квалитет, но и ние имаме свои адути. Ќе се бориме до крај и верувам дека, ако се претставиме во вистинско светло, можеме да стигнеме до резултат кој ќе ни даде шанса во реваншот во Баку”, вели Беќири со мирен, но решителен тон.

Капитенот Бесарт Ибраими оди чекор понатаму. Со насмевка и со искуството што го носи зад себе, тој гледа позитивно на вечерашниот предизвик.
“Против ТНС и ФЦСБ покажавме што можеме. Притисокот тогаш беше кај нас, сега е на нивната страна. Карабах е фаворит, но не победува секогаш фаворитот. Ние веруваме. И зошто да не. Зошто да не биде ова нашата вечер?“
Шкендија веќе има што да прослави ова лето. Но, тимот не сака да застане тука. Против Карабах, вечерва во Скопје, нема само да се игра фудбал. Ќе се брани чест. Ќе се докажува карактер. Ќе се бори за пишување уште една страница од најголемата европска авантура во историјата на клубот.




