На 5 октомври, улиците на главниот град ќе пулсираат во ритамот на спортот, заедништвото и позитивната енергија. Годинашното 21 издание на Виз Ер Скопски маратон ветува историско рекордно учество со над 14.000 тркачи од 58 земји, што го прави најголемиот спортски настан во државата и еден од водечките во регионот.
Најмасовна, како и претходните години, останува трката на 5 километри со околу 10.300 учесници, каде третпат по ред доминираат жените, тренд што покажува колку дамите сè повеќе се вљубуваат во рекреативното трчање. Кај маратонската и полумаратонската трка, пак, традиционално повеќе учествуваат мажи, а оваа година посебно внимание ќе биде насочено кон настапот на најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, кој ќе се соочи со конкуренцијата од Кенија и Балканот.
Новина е и поместувањето на стартот на трката од 5 км, кој годинава ќе започне кај семафорите кај Црвен Крст на бул. “11 Октомври”, за да се овозможи подобра организација и безбедност. Маратонците, полумаратонците и штафетните тимови ќе стартуваат само неколку минути подоцна, во 8:05 часот.
Во рамките на ова издание ќе се одржи и Балканското и Националното првенство во маратон, што дополнително ја зголемува тежината и престижот на настанот. За атмосферата ќе се погрижат 26 музички точки долж трасата, а на секои 850 метри ќе има освежителни станици со вода, овошје и енергетски продукти за тркачите.
“Скопје во недела ќе пулсира во ритамот на спортот и заедништвото, со илјадници тркачи и уште повеќе навивачи низ улиците”, изјави директорот на маратонот, Кире Синадиновски, истакнувајќи дека овогодинешното издание е досега најмасовното.
Како официјален медиумски партнер на Виз Ер Скопски маратон 2025, ќе бидеме со вас да ја доловиме секоја емоција, секој чекор и секој рекорд на ова спортско славје. Затоа, без разлика дали сте тркач, навивач или љубител на спортот, во недела излезете на улиците на Скопје. Да го почувствуваме заедно ритамот на маратонот!