Новото засилување на Ливерпул, Џереми Фримпонг, кој пристигна во клубот ова лето, после само еден одигран меч ќе мора да отсуства од терените поради повреда.
Тренерот Арне Слот денес и официјално ја потврди веста, а играчот се здобил со повреда на задната ложа за време на првиот натпревар против Борнмут.
Фримпонг со сигурност ќе ги пропушти следните два натпревари со Њукасл Јунајтед и Арсенал, а потоа повторно ќе биде евалуирана ситуацијата со повредата.
Од друга страна пак, од клубот потврдија дека Конор Бредли се вратил денес на тренинзите со клубот.
“Конор тренираше неколку минути со нас денес за прв пат”, изјави Арне Слот на прес-конференцијата за новинарите пред мечот со Њукасл на гостувањето на Сент Џејмс Парк.

“Медицинскиот тим беше во право кога ми кажаа дека морам да го извадам Џереми од игра, бидејќи тој ќе отсуствува сè до интернационалната пауза, а тоа се случи за време на играта”, додаде Слот за ситуацијата со новото засилување.
“Веднаш после натпреварот јас кажав дека тоа нема никаква врска со начинот на кој тој играше, но ние почувствувавме дека има проблеми со задната ложа. И под ‘ние’ не мислам на себе, туку на медицинскиот персонал. И тие беа сосема во право. Така што, добра беше одлуката да го извадам од игра, во спротивно можеби ќе требаше да отсуствува подолго. Очекуваме да се врати после интернационалната пауза”, додаде тој.



