Вечерва најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар му гостуваше на клубот Ла Фиорита во Сан Марино, во рамките на првото коло од квалификациите на Конференциската лига на УЕФА.
Вардарци не успеаја да дојдат до посакуваната победа, но крајниот нерешен резултат од 2:2 беше сосема доволен за нашите претставници да обезбедат понатамошен пласман.
Пред една недела во Скопје “црвено-црните” славеа на Градски со 3:0, победа која им овозможи денес да се задоволат и со нерешениот резултат, па дури и со минимален пораз. Сепак, Вардарци посакуваа победа до која не дојдоа, но само со победнички став и менталитет дека секогаш се оди на победа, може да се обезбедат добри резултати и понатака.
Денешниот меч го отворија домаќините со голот на Алфонсо Родригез во 10′ минута од пенал точката, откако Мишковски играше со рака. Мато возврати од истото место за Вардар во 59′ минута, за израмнување на резултатот на 1:1.
Во самата завршница, Грандони со автогол во 84′ минута донесе предност за Вардар, но кога сè изгледаше готово, автогол постигна и Јанкулов во 92′ минута за конечен резултат од 2:2.
Вардарци ќе мора сега да се подготват подобро за следниот противник, тимот на Лозана, кој е далеку поквалитетен од полу-аматерскиот тим на Сан Марино.



