По шокантното израмнување на Ришарлисон во 90-та минута, во таборот на Ливерпул владее вистинско разочарување. „Црвените“ уште еднаш прокоцкаа предност во самиот финиш, а менаџерот Арне Слот и стрелецот на единствениот гол, Доминик Собослаи, не ги штедеа своите соиграчи во анализата по мечот.
Собослаи: „Не знам што се случува, ова е огромно разочарување“
Унгарскиот интернационалец, кој со прекрасен гол од слободен удар донесе водство, изгледаше скршено по натпреварот.
„Ова е огромно разочарување. Навистина не знам што да кажам, веќе не знам колку пати ова ни се случува сезонава. Мораме да се разбудиме. Во првото полувреме контролиравме сè, тие едвај создадоа шанса, но во второто излеговме и едноставно престанавме да ги правиме истите нешта. Прашањето е – зошто?“, изјави искрено Собослаи.
Арне Слот: „Не ни фали квалитет, ни фали ефикасност“
Менаџерот Арне Слот призна дека овој резултат е исклучително „штетен“ за надежите за Топ 4 пласман, но потенцираше дека проблемот е системски низ целата сезона.
„Сами си штетиме. Постојано создаваме повеќе шанси отколку што постигнуваме голови. Обично во Премиер лигата екипите ги надминуваат очекувањата за голови, но ние не го правиме тоа. Ако не можеш да дадеш втор или трет гол, тогаш мораш да се погрижиш да не примиш. А ние примивме“, истакна Слот.
Тој додаде дека фрустрацијата кај навивачите на крајот од мечот е целосно разбирлива и оправдана.
„Навивачите се фрустрирани бидејќи премногу пати видоа како не ги земаме бодовите што ги очекуваат дома. Сега на нас е да ја земеме таа фрустрација и да ја пренесеме во среда против Галатасарај, за да им го дадеме резултатот што го заслужуваат“.



