Тенискиот свет е во неверување откако двократниот последователен шампион, Карлос Алкараз, соопшти дека нема да настапи на претстојниот грен слем турнир во Париз. Младиот Шпанец, кој требаше да ја брани титулата на Ролан Гарос, се повлекува поради сериозна повреда на зглобот на десната рака.
Оваа информација доаѓа како огромен удар за фановите, но и за самиот турнир, со оглед на тоа што Алкараз беше првиот фаворит за подигнување на „Купот на мускетарите“.
Повредата е посериозна отколку што се мислеше
Проблемите за светскиот број два започнаа минатата недела во Барселона. Иако првично се мислеше дека станува збор за полесна непријатност по победата во првото коло, денешните детални прегледи покажаа дека ситуацијата е алармантна.
Покрај Ролан Гарос, Алкараз официјално го откажа и настапот на Мастерсот во Рим.
„По резултатите од денешните тестови, одлучивме дека најпаметно е да бидеме претпазливи и да не учествуваме во Рим и на Ролан Гарос. Ова е тежок момент за мене, но сигурен сум дека ќе се вратам посилен“, објави Алкараз на својот Инстаграм профил.
Отворен пат за Јаник Синер до врвот
Оваа принудна пауза на Алкараз доаѓа во најлош можен момент. Шпанецот минатата сезона доминираше на земјена подлога, освојувајќи ги Монте Карло, Рим и Ролан Гарос. Со оглед на тоа што нема да може да ги брани овие бодови, неговиот ривал Јаник Синер сега има чист пат значително да ја зголеми предноста на врвот на АТП листата.
Алкараз ја започна годината фуриозно, освојувајќи го својот прв трофеј на Австралија Опен во јануари, но оваа повреда целосно ги менува неговите планови за летото, а под знак прашалник е и неговата подготвеност за сезоната на трева.



