Сантијаго Бернабеу беше сведок на посебен и трогателен момент пред дуелот меѓу Реал Мадрид и Еспањол. Младиот марокански навивач Абдерахим Оухида, кој во земјотресот во Мароко во септември 2023 година ги загуби своите родители, двете сестри и дедото, беше почестен гостин на “кралевите” и ја доби честа да го изведе свечениот почетен удар.
Шеснаесетгодишниот Оухида ја доживеа својата најголема желба, да го посети Бернабеу и да ги запознае идолите. Во вторникот присуствуваше на натпреварот од Лигата на шампионите против Олимпик Марсеј, а потоа ги запозна играчите на Реал и направи фотографии со нив.

Моментите за паметење продолжија со посета на тренинг-центарот “Сиудад Реал Мадрид” и повторна прошетка низ новиот Бернабеу. Но, највпечатливо беше излегувањето на теренот пред полните трибини и ударот со кој официјално започна натпреварот со Еспањол.
Публиката со големи овации го поздрави младиот навивач, а Реал Мадрид уште еднаш покажа дека знае како да биде повеќе од клуб и да даде поддршка за оние на кои им е најпотребно.
🤍 Así fue el homenaje en el Bernabéu a Abderrahim Ouhida, el joven madridista que perdió a su familia en el terremoto de Marruecos en 2023. pic.twitter.com/ENMu8BaQ3W
— Real Madrid C.F. (@realmadrid) September 20, 2025





