Жозе Мурињо повторно е во центарот на вниманието во португалскиот фудбал. По ремито од 2-2 на гостувањето кај Брага, тренерот на Бенфика даде изјава која веднаш стана вирална, тврдејќи дека неговиот тим всушност победил со 3-2.
„Ние победивме, тоа беше чист гол!“
Натпреварот беше исполнет со тензии и спорни моменти, а Бенфика испушти важни бодови во трката за титулата. Сепак, Мурињо одби да го прифати официјалниот резултат.
„Мислам дека ова е голема победа. Победивме со 3-2. Го видов нашиот трет гол од клупата… го видов и на мониторот. Голот е чист. Победивме. Тоа е фантастичен резултат“, изјави Мурињо за Sport TV по натпреварот.
Подоцна, на прес-конференцијата, Мурињо појасни дека неговите коментари биле иронични, бидејќи ако ја кажел вистината директно, ќе бил казнет. Тој алудираше на поништениот гол на Бенфика кој според него бил регуларен.
Бенфика заостанува во трката за титулата
И покрај „моралната победа“ на Мурињо, реалноста на табелата е поинаква. Со ова реми, Бенфика ризикува да заостане дури 10 бода зад лидерот Порто и да го загуби чекорот и со градскиот ривал Спортинг.
Дали ова е стариот добар Мурињо кој го трга притисокот од играчите, или знак на немоќ пред супериорните ривали?



