Најпознатиот германски таблоид Билд (Bild) излезе со бомбастична информација дека македонскиот репрезентативец Елиф Елмас се наоѓа на трансфер-листата на РБ Лајпциг.
Резерва пред сѐ!
Пред да започне вообичаената паника, во нашата рубрика „Чаршиски Муабети“ сакаме јасно да потенцираме, овие информации мора да се земат со огромна резерва. Германскиот Билд во основа е еквивалент на британскиот The Sun, медиум познат по сензационализам и шпекулации. За жал, повеќето домашни македонски портали обожаваат некритички да ги преведуваат овие „бомби“ само за кликови, без да го филтрираат изворот.
Што всушност тврди Билд?
Според таблоидот, тренерот Мартен Демикелис има рок до крајот на тренинг кампот во Салфелден да го скрати ростерот. Клубот моментално располага со 35 играчи, а идеалната бројка за новата сезона е 28 фудбалери. Спортскиот директор Марсел Шефер изјавил дека мора да има кратења за да се избегне незадоволство во соблекувалната.
Во тој контекст, Билд тврди дека 26-годишниот Елмас е еден од седумте играчи кои клубот сака трајно да ги продаде. Според нивниот напис, за Елиф кој има договор до 2028 година и веќе беше испратен на позајмица двапати, постои интерес од Италија и Шпанија, но сѐ уште нема конкретни понуди.
Кој друг е на излезна врата?
Освен нашиот дијамант, на наводната листа за отстрел се наоѓаат и звучни имиња како најплатениот фудбалер Лукас Клостерман (кој заработува до 7 милиони евра со бонуси), како и Лутшарел Гертруида за кого Лајпциг бара 20 милиони евра. Тука е и ланското засилување Конрад Хардер, кој беше платен дури 24 милиони евра.
Ќе почекаме да видиме што навистина ќе одлучи стручниот штаб, бидејќи таблоидните наслови ретко ја кажуваат целата вистина.



