Најавениот голем технички пакет со надградби на Мерцедес експресно ги даде посакуваните плодови на патеката „Жил Вилнев“. Во исклучително драматични и напнати спринт-квалификации за Големата награда на Канада, Џорџ Расел успеа да ја освои пол-позицијата за претстојната спринт-трка, победувајќи го својот тимски колега и директен ривал за титулата, Кими Антонели. „Сребрените стрели“ комплетно ја контролираа завршната сесија, оставајќи ги зад себе конкурентите од Мекларен, Ферари и Ред Бул.
Коцката на „сребрените стрели“ донесе перфектен резултат
Иако спринт-форматот секогаш носи ризик поради премалку време за прилагодување на новите делови, Мерцедес покажа дека завршил перфектна работа во фабриката пред доаѓањето во Монтреал. Џорџ Расел во SQ3 постави недостижно време од 1:12.965 минути, што беше за само 68 илјадити делови од секундата побрзо од суперталентираниот Антонели кој мораше да се задоволи со второто место.
По неуспехот и тешкиот викенд во Мајами, Расел не го криеше задоволството од враќањето на самиот врв, нагласувајќи дека новите аеродинамични делови направиле огромна разлика на патеката со висок степен на грип.
„Очигледно е дека чувството е прекрасно по тешкиот викенд во Мајами, но јас никогаш не се сомневав во себе. Ова е неверојатна патека, со висок степен на грип и среќен сум што денеска сè се поклопи како што треба. Новиот пакет надградби се чувствува одлично, тимот заврши огромна работа за да го подготви и донесе порано. Премногу сум задоволен што го имаме на болидот и среќен сум што се вратив на првата позиција… помина навистина долго време“, изјави Расел по успешните квалификации.
Зад доминантниот тандем на Мерцедес се позиционираа возачите на Мекларен, каде што Ландо Норис го победи Оскар Пијастри во борбата за третата позиција на стартот.
Пропуштена шанса за Хамилтон и нови маки за Верстапен
Еден од најразочараните по финишот на квалификациите беше Луис Хамилтон. Поранешниот возач на Мерцедес, а сегашен адут на Ферари, во неколку наврати во SQ3 возеше „пурпурни“ сектори и изгледаше како сериозен кандидат за пол-позицијата. Сепак, по грешката во вториот сектор на неговиот последен обид, Хамилтон не успеа да го подобри времето на Расел и заврши дури на петтото место, веднаш пред својот тимски колега Шарл Леклер.
Уште полош викенд засега има четирикратниот шампион Макс Верстапен. Возачот на Ред Бул едвај се спаси од елиминација уште во SQ2, откако неговиот прв брз круг беше избришан поради пречекорување на лимитите на патеката. Верстапен во финалните минути од вториот сегмент беше на позицијата број девет, па иако влезе во боксот пред време, успеа да се провлече во финалната рунда. Сепак, во SQ3 неговиот Ред Бул немаше ритам за борба со Мерцедес, па Холанѓанецот ќе стартува дури како седми, веднаш пред својот помлад колега Исак Хаџар.
Хаос во SQ1 со црвено знаме и блесок на дебитантот Линдблад
Квалификациите во Канада започнаа со сериозна драма во првиот сегмент кога искусниот Фернандо Алонсо ја изгуби контролата над својот болид и удри во заштитната ограда, со што предизвика црвено знаме и прекин на сесијата. Шпанецот со поставеното време успеа да помине понатаму, но поради неможност да вози доживиеа брза елиминација во SQ2 каде заврши на 16-то место. Ова беше вистинска штета, со оглед на тоа што ова беше прв викенд каде болидот на Астон Мартин изгледаше малку подобро. Покрај него, во вториот сегмент испаднаа и Хулкенберг, Бортолето, Колапинто, Окон и Берман.
Into the barriers for Fernando! 😳
— Formula 1 (@F1) May 22, 2026
Here is the moment that ended Alonso’s SQ1 prematurely 👇#F1Sprint #CanadianGP pic.twitter.com/1vOoRXYDKK
Наспроти искусните возачи кои потфрлија, вистинска сензација приреди младиот возач на Рејсинг Булс, Арвид Линдблад. Иако за првпат во својот живот вози на патеката „Жил Вилнев“, Линдблад импресионираше со својот мирен и зрел пристап, успевајќи да се пласира во SQ3 каде го освои фантастичното деветто место на стартот, веднаш пред Карлос Саинц во Вилијамс.
Комплетни резултати од спринт-квалификациите во Канада:
- Џорџ Расел (Мерцедес) — 1:12.965
- Кими Антонели (Мерцедес) — +0.068
- Ландо Норис (Мекларен) — +0.315
- Оскар Пијастри (Мекларен) — +0.334
- Луис Хамилтон (Ферари) — +0.361
- Шарл Леклер (Ферари) — +0.445
- Макс Верстапен (Ред Бул) — +0.539
- Исак Хаџар (Ред Бул) — +0.640
- Арвид Линдблад (Рејсинг Булс) — +0.772
- Карлос Саинц (Вилијамс) — +1.571
- Нико Хулкенберг (Ауди)
- Габриел Бортолето (Ауди)
- Франко Колапинто (Алпин)
- Естебан Окон (Хас)
- Оли Берман (Хас)
- Фернандо Алонсо (Астон Мартин)
- Серхио Перез (Кадилак)
- Ланс Строл (Астон Мартин)
- Пјер Гасли (Алпин)
- Валтери Ботас (Кадилак)
- Алекс Албон (Вилијамс)
- Лијам Лосон (Рејсинг Булс)




