Срам за мак-фудбалот: Расизам и солзи по мечот Шкендија – ТНС

 

Објавено:

Уште една темна дамка падна врз македонскиот фудбал, овојпат на европската сцена. По завршувањето на натпреварот од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите помеѓу Шкендија и велшкиот првак Њу Сејнтс (ТНС) во Скопје, се случил срамен расистички инцидент кој го обиколи британскиот јавен сервис BBC.

Напаѓачот на гостинскиот тим, 26-годишниот Арамајд Оте, бил цел на расистички навреди од страна на лице од домашната публика. Инцидентот оставил длабока трага врз играчот, кој според неговиот тренер бил во солзи во соблекувалната.

Жестока реакција од Велс: “Апсолутно нема место за расизам”

Велшкиот клуб веднаш реагираше со жестоко официјално соопштение во кое најостро го осуди инцидентот.

“ТНС силно и недвосмислено го осудува расистичкото навредување упатено кон Арамајд Оте. Апсолутно нема место за расизам – ниту во фудбалот, ниту во општеството. Сите во клубот му нудат целосна поддршка на Арамајд и цврсто стојат покрај него”, се вели во соопштението.

Дека инцидентот бил сериозен, потврди и тренерот на ТНС, Крег Харисон.

“Тој е во солзи – тоа не се случува без причина. Очигледно е што било кажано и направено. Ова е апсолутно неприфатливо и ние ќе го пријавиме. Навивач да му се обрати така на било кого е апсолутен срам и се надевам дека виновникот ќе добие соодветна казна”, изјави Харисон.

Реакции и можни последици

Покрај клубот, реагираше и познатата анти-дискриминаторска организација “Kick It Out”.

“Му испраќаме поддршка на Арамајд Оте по ваквата вознемирувачка епизода. Ниту еден играч не треба да доживее расизам. Од витално значење е УЕФА да спроведе брза истрага и да преземе цврсти мерки”, се вели во нивната изјава.

Од таборот на Шкендија, според BBC, засега нема официјален коментар, но клубот навестил дека ќе ги консултира безбедносните служби и можните сведоци на инцидентот. Сега, на потег е УЕФА, која во наредните денови ќе ги разгледа извештаите од натпреварот и ќе одлучи дали ќе покрене дисциплинска постапка.

Инаку, Шкендија го доби натпреварот со 2:1 по продолженија и се пласираше во следното коло. Но, овој резултат остана целосно во сенка на уште еден срамен ден за македонскиот фудбал и спорт воопшто.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено