Животот без капитенот Богдан Богдановиќ нема да биде лесен, но Србија чекор по чекор ја гради својата приказна на Евробаскетот 2025. Со доминантна победа од 82-60 над Чешка, “орлите” останаа непоразени и со 4-0 скор го осигураа местото меѓу фаворитите за врвот на Група А.
Чешка, ослабена во рекетот уште пред почетокот на турнирот, немаше шанси против српската “висока армија”. Планот на Светислав Пешиќ беше јасен – силна игра во рекетот и создавање предност под кошевите, а тактиката вроди со плод. Србија го доби дуелот во поени во рекетот со неверојатни 52-20.
Уште во првата четвртина Чесите се обидоа да го “спасат” мечот со шутирање тројки, при што имаа дури 11 обиди, но погодија само една. На другата страна Србија шутираше со 27-5 по првите десет минути.
Пешиќ во одредени моменти играше со Јовиќ, Јокиќ и Милутинов, комбинација која беше кошмар за противникот. Најсјаен беше Никола Милутинов со своја најдобра партија досега во која даде 12 поени (5/5 од игра), 7 скока и 2 украдени топки.
Nikola Jokic vision is a JOKE.#EuroBasket x @KSSrbije 🇷🇸 pic.twitter.com/GQpy2qScVZ
— FIBA EuroBasket (@EuroBasket) September 1, 2025
Оваа победа не само што ја елиминира Чешка (0-4), туку и ја внесе Латвија во осминафиналето како трета во групата, благодарение на меѓусебните победи против Естонија и Португалија.
Сепак, Пешиќ доби нова грижа бидејќи Василије Мициќ го заврши мечот порано по удар во ребрата и не се врати на теренот.
“Да, веруваме во нас. Не мислиме дека сме најдобри, ама знаеме колку вредиме. Го изгубивме Богдан, но пак имаме силен тим и знаеме што треба да направиме”, изјави Никола Јовиќ по мечот на прашањето дали Србија уште претендира на златото.
Следува големото дерби со Турција за првото место во групата.



