Кошаркарската репрезентација на Србија го започна својот поход кон титулата на Еуробаскет 2025 со спектакуларна победа во Рига, совладувајќи ја Естонија со 98:64. Пред 8.151 гледач, од кои огромното мнозинство навиваа за Естонците, “орлите” не оставија простор за изненадување, па уште од самиот почеток беше јасно кој ќе ја однесе победата.
Србија експресно поведе со 32:12 по првата четвртина и до крајот го држеше мечот под целосна контрола. Никола Јовиќ беше ѕвезда на вечерта со 18 поени и 6 асистенции за само 16 минути, внесувајќи енергија и ритам во нападот. Никола Јокиќ пак, повторно покажа зошто е меѓу најдобрите во светот со 11 поени, 10 скокови и 7 асистенции во рутински стил, “без капка пот”.
Србија беше доминантна во секоја статистичка категорија, а со 32 асистенции за малку не го урна рекордот на сите времиња (33), поставен од Југославија на Пешиќ, токму против Естонија во 2001 година. Оваа победа е и најубедливата на Србија во историјата на Еуробаскет (+34).
Serbia putting on a show in Riga. ⚙️🇷🇸#EuroBasket pic.twitter.com/JzM5HHemVP
— FIBA EuroBasket (@EuroBasket) August 27, 2025
Кај Естонија, Хенри Дрел беше најдобар стрелец со 11 поени, но најголема приказна беа нивните навивачи кои во огромен број дојдоа во Рига и создадоа атмосфера достојна на домашен терен.
По мечот, селекторот Светислав Пешиќ порача: “Го почнуваме натпреварувањето со победа, тоа беше целта. Но за нас не е доволно само да победиме. Сакаме повеќе, да бараме решенија во текот на играта и да напредуваме од меч во меч”.
За Србија ова е старт од соништата. Сигурна победа, самодоверба на високо ниво и јасна порака дека “орлите” летаат високо и имаат големи амбиции на Еуробаскетот 2025.




