Денешниот ден донесе тажна и тешка вест која го обви во црно целиот фудбалски свет. На 80-годишна возраст, почина Мирчеа Луческу, еден од најголемите фудбалски умови, брилијантен тактичар, визионер и човек кој го посвети секој здив од својот живот на фудбалската игра.
Универзитетската болница за итни случаи во Букурешт официјално го потврди неговото заминување, откако легендарниот стратег изминатите неколку дена се бореше за живот по тешкиот срцев удар кој го претрпе во петокот.
Фудбалот за него не беше само професија. Како голем вљубеник во неговиот фудбалски пат, можам да кажам само дека ова беше опсесија која буквално од неговиот прв допир со фудбалската топка, до последните мигови од животот, ја посвети на својата најголема љубов.
Срце дадено за фудбалот: До последниот здив на зелената трева
Последните недели од животот на Луческу беа вистински приказ на неговата нескршлива волја и неверојатна посветеност. Иако со месеци се бореше со сериозни здравствени проблеми и голем дел од зимата помина во болнички кревети, тој одби да се повлече.
Неговата мисија беше јасна, да ја одведе својата сакана Романија на Светското првенство во 2026 година во Мексико, Канада и САД. Во неодамнешното интервју кое што беше непосредно пред баражот, свесен за својата здравствена состојба, тој изјави: „Не можам да заминам како кукавица. Мораме да веруваме во нашите шанси.“ За жал, неговото натчовечко срце не го издржа бремето. По болниот пораз од Турција (1:0) во полуфиналето од баражот за Светското првенство пред неполни две недели, Луческу колабираше за време на тактичката анализа со играчите. Стресот и болката поради неостварениот сон, кој требаше да биде круна и светиот грал на неговиот пребогат животен пат – беа преголеми. Тој почина токму онака како што некогаш посака: „Да умреш на теренот е најубавото нешто што може да му се случи на еден тренер. Тоа значи дека си живеел во центарот на борбата.“
Кариера која ќе остане запишана во вечноста
Мирчеа Луческу остава зад себе фудбалско наследство кое ретко кој некогаш ќе може да го надмине. Со вкупно 35 освоени трофеи во својата менаџерска кариера долга речиси пет децении, тој е третиот најуспешен тренер во историјата на фудбалот, веднаш зад Сер Алекс Фергусон и Пеп Гвардиола. Тој е и единствениот тренер во историјата кој освоил трофеи со дури 7 различни клубови.
Клупски и репрезентативни успеси:
- Шахтјор Доњецк (2004–2016): Архитект на најславната ера на украинскиот клуб. Освои 8 шампионски титули и историскиот пехар во Купот на УЕФА во 2009 година.
- Турција: Освои две шампионски титули по ред со два различни клуба, Галатасарај (2002) и Бешикташ (2003). Со Галатасарај го освои и УЕФА Суперкупот во 2000 година, победувајќи го Реал Мадрид.
- Романија: Шампион со Динамо Букурешт и Рапид Букурешт. Прв тренер кој ја однесе романската репрезентација на Европско првенство (1984 година).
- Динамо Киев: На залез на кариерата, го презеде големиот ривал на Шахтјор и во 2021 година освои тројна круна во Украина.
- Италија: Во 90-тите години остави длабока трага водејќи ги Бреша, Пиза, Реџана и славниот Интер.
Пред да стане тренерска икона, Луческу имаше и блескава играчка кариера. Како капитен ја предводеше Романија на Светското првенство во 1970 година играјќи против моќниот Бразил на Пеле. Како играч освои 7 титули со Динамо Букурешт, а неговата страст беше толку голема што на 44-годишна возраст, додека веќе беше тренер на Динамо, влезе на теренот да одигра натпревар!

Фудбалскиот свет во солзи: Простување од „Ил Луче“
Веста за неговата смрт предизвика лавина од емоции низ цела Европа. Социјалните мрежи и официјалните страници на најголемите европски клубови се преплавени со пораки за почит.
- Романската фудбалска федерација (ФРФ): „Ова е црн ден за Романија и за светскиот фудбал. Не напушти човек кој живееше преку и за фудбалот во секоја секунда од своето постоење. Тој не беше само тренер, туку животен учител за цели генерации.“
- Интер: „Тренер со огромна човечка и професионална длабочина. Луческу ги отелотворуваше вредностите на вештината, елеганцијата и страста, оставајќи значајно наследство во светот на фудбалот.“
- Шахтјор Доњецк: „Фала за сè, Мистер. Вашето име е засекогаш запишано во историјата на светскиот фудбал. Почивај во мир, Голем Тренеру.“
- Галатасарај: „Почивај во мир, Луче. Никогаш нема да те заборавиме.“
FC Internazionale Milano e tutto il mondo Inter si uniscono al cordoglio per la scomparsa di Mircea Lucescu e, nel ricordarlo, abbracciano i suoi familiari.
— Inter ⭐⭐ (@Inter) April 7, 2026
➡️ https://t.co/0haqC64TLB
Прощавайте, Містере…
— ⚒FC SHAKHTAR DONETSK (@FCShakhtar) April 7, 2026
7 квітня пішов з життя легендарний тренер Мірча Луческу.
Футбольний клуб «Шахтар» висловлює найглибші співчуття родині Мірчі Луческу.
Дякуємо за все, Містере. Ваше імʼя назавжди вписано в історію світового футболу.
Спочивайте з миром, Великий Тренере. pic.twitter.com/AqkRKseDHo
We are deeply saddened to hear the passing of Mircea Lucescu, the winning manager of our UEFA Super Cup and 15th Turkish league titles.
— Galatasaray EN (@Galatasaray) April 7, 2026
Rest in peace Luce, we will never forget you. pic.twitter.com/Jft8PYMnnR
Сочувство до неговото семејство, сочувство до секој Романец, сочувство до секој вистински фудбалски фан ширум светот, сочувство до фудбалот.
Вечна слава, Мистер!



