По турбулентниот период и повиците за бојкот, навивачката група “Комити” најави пресврт во својот однос кон натпреварите на Вардар. За претстојниот, многу поважен дуел од второто квалификациско коло во Конференциската лига против швајцарска Лозана, пораката е јасна и гласна: “Во четврток СИТЕ НА ЗАПАД!”.
Срцето посилно од принципите
Пред само две недели, пред првиот натпревар со Ла Фиорита, ситуацијата беше сосема поинаква. Како што пишувавме во нашата анализа за парадоксот во кој се најде клубот, “Комити” повикаа на бојкот поради незадоволството од управата.
Но, и покрај тоа, на денот на натпреварот, срцето на најверните навивачи не издржа. Западната трибина сепак беше исполнета, докажувајќи уште еднаш дека љубовта кон Вардар е посилна од било каков конфликт со раководството.
Нова мобилизација за Лозана
Сега, пред многу посилниот предизвик против швајцарскиот тим, “Комити” не оставаат простор за дилеми. Тие веднаш повикаа на целосна мобилизација и веќе пуштија во продажба билети за западната трибина.
“Битките со Лозана одлучуваат многу, затоа никој не смее да се двоуми. Во четврток СИТЕ НА ЗАПАД! Поддршка за клубот во борбата за пласман во третото коло од квалификациите, борба 90 минути!”, се вели во нивната објава.
Билетите се продаваат по цена од 100 денари со членска карта и 200 денари без членска. Јасно е дека во четврток на Градскиот стадион се очекува вистинска европска атмосфера, каде што навивачите повторно ќе бидат 12-тиот играч на Вардар.
Во продолжение, погледнете ја нивната официјална објава и повик за поддршка.