Денис Шредер и Германија изминатите четири лета ја живеат својата најуспешна кошаркарска приказна. Три медали за четири години и кулминацијата со европската титула во Рига на ФИБА Евробаскетот 2025.
Шредер, кој беше избран за Најкорисен играч на турнирот (МВП), уште еднаш ја потврди својата лидерска улога, но тој веднаш ја сврте приказната кон тимот.
“Сакаме да го задржиме овој стандард и да освојуваме уште повеќе трофеи”, изјави тој по победата над Турција од 88-83 во финалето, каде што запиша 16 поени, 3 скока и 12 асистенции.
Со овој успех, Германија го комплетира историскиот циклус: бронза на Евробаскет 2022, злато на Светското првенство 2023, четврто место на Олимписките игри 2024 и сега европска круна, нивна втора во историјата по онаа од 1993 година. Дополнителен сјај дава фактот дека Германија стана дел од малата елита на земји што истовремено ги држат и титулата светски и европски шампиони.
DENNIS THE MENACE IS THE #EUROBASKET 2025 MVP! pic.twitter.com/y08ckoucnx
— FIBA EuroBasket (@EuroBasket) September 14, 2025
“Ова е посебна екипа. Како училишна екскурзија, сите сакаат да бидат тука, да играат, да се борат еден за друг. Два големи триумфи во исто време, тоа е нешто неверојатно. Ова е најдобриот тим со кој сум играл во мојот живот. Фантастични момци, фантастични карактери. Не можеш да посакаш повеќе”, додаде Шредер.
Капитенот имаше тивок прв дел, но во клучните моменти од второто полувреме презеде одговорност и постигна 14 од своите 16 поени. “Никогаш не бегаме од големите моменти. Не само јас, туку сите во тимот. Тоа е нашата најголема сила”, изјави Германецот кој токму во финалниот ден го прослави и својот 32. роденден.
Шредер не криеше дека сака да продолжи да го носи националниот дрес што е можно подолго: “Привилегија е да ја претставувам Германија. Сакам да го правам тоа сè додека не наполнам 40 години”.
А, на прашањето дали со овој успех се приближува до наследството на легендарниот Дирк Новицки, Шредер одговори со карактеристична скромност: “Јас сум Денис Шредер, и секој има своја приказна. На крајот на денот, моето име е Денис Шредер и тоа е моето наследство”.
German basketball is mad sexy.#EuroBasket | #MakeYourMark pic.twitter.com/SWIdwmBa92
— FIBA EuroBasket (@EuroBasket) September 14, 2025



