Со натпреварот помеѓу Хановер и Гумерсбах (26:29), и официјално стартуваше новата сезона во германската ракометна Бундеслига. Со својот коефициент на квалитет, таа убедливо се потврдува како најсилното ракометно натпреварување на светот, оставајќи ги зад себе Шпанија, Полска, Франција и Данска.
Четири гиганти веќе се издвојуваат како главни фаворити за титулата: актуелниот европски шампион Магдебург, бранителот на титулата Фуксе Берлин, освојувачот на Европската лига Фленсбург и безвременскиот Кил.
Атрактивна лига, полни сали и посветеност на младите
Германската Бундеслига, основана пред 59 години, не е само натпревар на врвни клубови, туку и вистински спектакл. Полните сали се заштитен знак, што им обезбедува финансиска стабилност на клубовите. Иако е магнет за интернационалци од светска класа, германскиот ракомет е познат по својата посветеност на младите играчи. Имиња како Кестер, Ушчинс и Кнор, кои излегоа од оваа средина, се денес “рбетот” на германската репрезентација, актуелен освојувач на олимписко сребро.
Главните кандидати за тронот
Оваа сезона ќе биде борба на “титани” помеѓу четирите фаворити, секој со своите адути.
- Фуксе Берлин влегува во новата сезона речиси непроменет. Клучен играч и понатаму е најдобриот ракометар на светот, Матијас Гидсел.
- Магдебург, како европски првак, направи неколку измени. На местото на Магнус Саугструп и Дамгард, пристигнаа Мандиќ и Јонсон, со што тимот остана на врвно ниво.
- Фленсбург имаше повеќе промени, но успеа да го задржи квалитетот со доаѓањето на Марко Гргиќ, Тонесен и Вицке.
- Кил се соочува со најголеми предизвици. Поради повредите на Пекелер, тренерот Филип Јиха ќе мора да се потпре на новите засилувања, голманот Перез де Варгас и пикерот Начиновиќ.
Златна средина и борба за опстанок
Во вториот ешалон се издвојуваат тимови како Мелсунген, Хановер, Лемго и Гумерсбах. Гумерсбах се засили со двајца одлични шутери, Гомез и Смитс, како и со еден од најголемите таленти, хрватскиот голман Доминик Кузмановиќ.
На дното на табелата ќе се води жестока борба за опстанок. Новите прволигаши Бергишер и Минден ќе имаат тешка задача, додека Вецлар, со новиот тренер Момир Илиќ и засилувањата од нашите простори, ќе биде тим што вреди да се следи.
Гостинска статија на Марија Петровска