Среќна Нова 2026! Додека светот се будеше по новогодишната ноќ, фудбалскиот пазар веќе работеше со полна пареа. Првиот ден од зимскиот преоден рок донесе вести кои ќе ја дефинираат целата сезона – од тренерски рокади во Лондон до активност на пазарот за играчи.
Најзвучната вест пристигна од „Стемфорд Бриџ“, каде Енцо Мареска повеќе не е менаџер на Челси, и покрај освоените трофеи во Конференциската лига и Светското клупско првенство.
Според Фабрицио Романо, Челси нема да чека долго. На потесниот круг за нов менаџер е Лиам Росиниор, додека големите имиња како Зидан, Клоп и Мурињо се отпишани. Италијанецот вели дека Оливер Гласнер и Цеск Фабрегас исто така не се опции во моментов.
Премиер лигата се активираше
Англиските клубови беа најактивни на првиот ден:
Вест Хем го одврза ќесето! „Чеканите“ договорија двајца напаѓачи за вкупно 52 милиони евра. Аргентинецот Тати Кастељанос доаѓа од Лацио за 29 милиони, додека Пабло пристигнува од Гил Висенте за 23 милиони евра. Нуно Еспирито Санто добива сериозна огнена моќ.
Кристал Палас направи храбар потег и го купи Бренан Џонсон од Тотенхем за 33.5 милиони фунти. Велшанецот веќе ги договорил личните услови и е подготвен да „лета“ на „Селхрст Парк“.
Астон Вила продолжува со паметни инвестиции. Унаи Емери го потврди трансферот на 19-годишното бразилско крило Алисон (Alysson) од Гремио. Зделката е вредна 10 милиони евра плус 2 милиони во бонуси.
Саутемптон го засили голот со Даниел Перец. Голманот на Баерн Минхен доаѓа на позајмица со опција за откуп од 8.5 милиони евра.
Ендрик на калење, Вини и Нејмар лојални
Во Шпанија, Реал Мадрид одлучи дека е време младиот Ендрик да добие минутажа. Напаѓачот, кој главно седеше на клупата во Мадрид, е испратен на позајмица во Олимпик Лион каде ќе може да го покаже својот потенцијал.
За разлика од него, Винисиус Јуниор ги смири фановите на Реал со порака на Инстаграм: „Се надевам на неверојатна 2026 година. ХАЛА МАДРИД СЕКОГАШ!“.
Во Бразил, „кралот“ останува на тронот. Нејмар потпиша нов договор со Сантос! Откако му помогна на клубот да избегне испаѓање (играјќи повреден!), тој се обврза на верност до декември 2026 година. „O Menino da Vila“ не мрда никаде.
Други интересни трансфери низ Европа
Списокот на трансфери на 1 јануари е долг, а издвојуваме неколку поважни зделки низ континентот:
- Амаду Хаидара (Лајпциг) -> Ленс (€2m)
- Саел Кумбеди (Лион) -> Волфсбург (€6m)
- Кеита Косуги (Ѓургарден) -> Ајнтрахт Франкфурт (€6.5m)
- Клејтон (Фламенго) -> Волфсбург (Слободен трансфер)
- Хави Галан (Атлетико Мадрид) -> Осасуна (€500k)
- Николас Фонсека -> Реал Овиедо (Позајмица).



