Штипјанецот се враќа по титула: Бобан Николов и Хоакин Торес промовирани во Вардар

Објавено:

Есенскиот шампион на Македонија, ФК Вардар, не запира со засилувањата. По официјализацијата на Дарко Велковски и Стефан Цветковиќ, „црвено-црните“ денеска потврдија уште две значајни имиња кои ќе го носат дресот во пролетниот дел од сезоната.

Најголемо внимание привлекува враќањето на Бобан Николов. Искусниот 31-годишен играч за врска, кој со Вардар веќе има освоено две титули (2015/16 и 2016/17) и беше дел од историскиот пласман во Лигата на Европа, повторно доаѓа во Скопје. Штипјанецот, кој има и 49 настапи за македонската репрезентација, пристигнува од романскиот Фарул Констанца. Неговата богата интернационална кариера, која вклучува настапи за Видеотон, Лече, Шериф (каде играше и во Лигата на шампионите и го победи Реал Мадрид) и ФЦСБ, треба да донесе огромна стабилност и искуство во средниот ред на Вардар. Николов доаѓа со една цел, да ја заврши кариерата таму каде што ги доживеа најѕвездените моменти, со надеж за нови успеси.

Аргентински шмек во нападот: Пристигнува Хоакин Торес

Второто засилување е малку поегзотично. Станува збор за 29-годишниот аргентински интернационалец Хоакин Торес. Торес е крилен напаѓач (примарно десно крило) кој доаѓа како слободен агент, откако последно беше дел од бразилскиот Амазонас.

Неговата кариера е интересна, потекнува од школата на Њуелс Олд Бојс, а најголемиот дел од кариерата го помина во МЛС лигата во САД и Канада, настапувајќи за Монтреал и Филаделфија Унион. Тој има собрано 68 настапи во МЛС со 8 гола и 9 асистенции. Сепак, треба да се напомене дека Торес доаѓа без натпреварувачки ритам, па ќе му биде потребно време да ја достигне посакуваната форма.

Со овие четири засилувања во само неколку дена (Велковски, Цветковиќ, Николов, Торес), Вардар јасно става до знаење дека амбициите за титула се сериозни и дека клубот сака да изгради тим кој ќе доминира.

Конкуренцијата не спие: Струга и Шкендија се засилуваат!

Иако Вардар е во фокусот, неговите најголеми ривали исто така работат на засилување на своите редови, најавувајќи жешка пролет во битката за врвот.

Актуелниот првак Струга Трим Лум ги обезбеди потписите на Адриан Зенделовски (20), талентираниот играч за врска кој доаѓа од шведскиот БК Олимпик, и голманот Васко Василев (21), кој пристигнува од Работнички. Зенделовски е младински репрезентативец на Македонија и се смета за голем потенцијал.

Од друга страна, тетовска Шкендија реагираше со ангажирање на Дрилон Ислами (25) од романскиот Клуж и напаѓачот од Габон, Фахд Нџенге (25), кој доаѓа од Брера Струмица. Нџенге е добро познат на македонската јавност, откако есенва постигна 8 гола во првенството.

Вардар е лидер со 42 бода, но Струга (41) и Шкендија (36) демнат од позадина и со новите засилувања јасно ставаат до знаење дека трката за титулата е далеку од завршена.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено