После паузата што изгледаше како цела вечност за фановите на Формула 1 трките, овој викенд се враќаме назад со Големата награда на Австралија.
Изминатата сезона беше доста бурна, најавувајќи го камбекот на легендарниот тим на Мекларен на самиот врв во спортот, најавите за промена на шоферските места, трки во кои за прв пат беа изречени казни од 20 секунди за Макс Верстапен и дисквалификувањето на Расел после победата во Силверстоун, историското возење на шампионот на дождот во Бразил и што уште не.
И после таква сезона, фановите се уште повозбудени за она што нè очекува следно.
НАЈАВА ЗА СЕЗОНА СО МНОГУ МЛАДИ ВОЗАЧИ
После долго време оваа година на патеките ќе се појават исклучителен број на дебитанти, од кои некои имавме можност да ги видиме на неколку трки во минатата сезона, а некои од нив за прв пат ќе седнат во Формула 1 болидите после успешните сезони во пониските натпреварувања на Формула.
Младата жешка крв е секогаш добредојдена во спортот, а гладта на младите возачи да се докажат дека со право го заслужиле местото во елитното натпреварување, сигурно ќе донесе големи возбудувања.

Најголема предност од дебитантите можеби има и најмладиот меѓу нив, Италијанецот Кими Антонели, кој ќе дебитира во тимот на Мерцедес за прв пат во Формула 1, заменувајќи го местото на седумкратниот шампион Луис Хамилтон. Тука секако мора да се спомне и Лиам Лосон, кој имавме веќе можност да го видиме во неколку трки во послабиот тим на Ред Бул минатата година. Оваа година тој ќе стане тимски возач на Макс Верстапен во редовите на првиот тим на Ред Бул, па ќе има одлична можност да ги покаже своите тркачки вештини рамо до рамо со шампионот.
Оли Берман, кој исто имаше извонредно деби лани во Ферари, кога го замени Карлос Сајнц на една трка, имаше можност да вози и за моменталниот тим на Хаас при крајот на сезоната, па и за него нема да биде сосема ново искуството зад воланот на болидот во Хаас, каде оваа година се приклучува како редовен возач.
Џек Дуан имаше можност да ја почувствува магијата на Формула 1 во последната трка на минатата сезона, кога изненадно го замени Естебан Окон, во која заврши на 15-то место. Оваа година тој ќе биде редовен возач на тимот на Алпин. Но, оваа година и тоа како ќе биде пресудна за младиот возач, ако ги земеме во предвид изјавите на ексклузивниот советник на Алпин, Флавио Бријаторе, кој изјави дека Дуан ќе има можност да се докаже само во првите три трки од сезоната, во спротивно ќе биде заменет со резервниот возач Франко Колапинто кој е миленик на публиката, па ова за Дуан ќе додаде дополнителен притисок уште од самиот старт на сезоната.
Ова ќе биде прво искуство за останатите дебитанти, како што се Изак Хаџар кој ќе вози за Виза Кеш Ред Бул и Габриел Бротолето кој се приклучи на зелениот тим на Саубер. Овие двајца возачи имаа одлична сезона во Формула 2 минатата година, а нивниот динамичен стил на возење сигурно ќе донесе свежина на патеката.
КАДЕ СТОЈАТ ИСКУСНИТЕ ВОЗАЧИ?
Не се само дебитантите тие кои ќе донесат оваа година промена на гридот. Многу од искусните возачи оваа година ќе се најдат во други тимови, од кои можеби највпечатлива е промената на Луис Хамилтон, кој после 12 години го напушти Мерцедес за да ја брка осмата титула со тимот на Ферари, како и шоферот на кој тој му го зеде местото, Карлос Сајнц, која оваа година (можеби малку неволно) ќе мора да се докаже во послабиот тим на Вилијамс.

Од искусните возачи промена направија и Нико Хулкенберг, кој премина од Хаас во тимот на Саубер, како и Естебан Окон кој неславно си замина од Алпин во последната трка од сезоната без можност за соодветно испраќање и оваа година ќе вози за Хаас покрај младиот Берман.
Валтери Ботас, кој минатата година мислеше дека се поздрави со својата кариера во Формула 1, како возач на Саубер, оваа година се враќа како резервен возач на Мерцедес, во обид на тимот да има на располагање искусен возач со кој се добро запознаени во случај младиот Кими Антонели да не се снајде во улогата на прв возач во тимот.
А, ШТО СО БОЛИДИТЕ?
Ако мислевте дека гридот со шоферите е збунувачки и доволен за возбуда, почекајте да видите како ќе се покажат и самите болиди оваа година.
Минатата година Мекларен демонстрираа вистинска доминација со промените во болидот, а не изгледа дека оваа година ќе застанат во мисијата да го освојат двојниот шампионат. Во прилог на ова им одат и изјавите на Ред Бул, кои после тест периодот во Бахраин не беа сосема задоволни од болидот за стартот на сезоната. Но, секако не треба да се исклучи фактот дека Ред Бул имаа послаб болид и минатата сезона, но тоа не го спречи Макс Верстапен со шампионско возење во неколку трки да се искачи на врвот по четврти пат.

Ферари, кои минатата сезона исто имаа шанса за освојување на шампионатот за механичари, оваа година изјавија дека ќе одат со болид кој е 90% различен од она што го видовме лани. Дали тоа ќе биде на подобро или полошо, ќе видиме во текот на сезоната, но она што е сигурно е дека имаат двајца одлични шофери зад болидот, па ќе се очекува многу од нив.
Вилијамс исто имаа оптимистички најави дека се на пат да создадат болид и тим кој ќе го врати овој легендарен тим во врвот на натпреварувањето, па ќе видиме до каде се оваа година со исполнувањето на овие цели, овој пат со искусниот Сајнц зад воланот.
Сè на сè, може да заклучиме дека нè очекува и тоа како непредвидлива и возбудлива сезона во Формула 1, со многу дуели и битки, многу новитети и многу ривалства кои останаа во наследство од претходните сезони. А, ако се остварат најавите дека уште на првата трка ќе имаме дожд, ова можеби ќе биде и највозбудливото отворање на Формула 1 сезона во последните неколку години.